Изјава за ТВ Алфа на академик Љупчо Коцарев претседател на МАНУ, за македонскиот јазик

Современата наука прави разлика меѓу поимите јазик и стандарден литературен јазик. Поимот јазик означува припадност на еден дијалектен континуум. Така, на пример, кога ќе кажеме македонски јазик под тоа се подразбираат дијалектите во Воден, Корча, Охрид, Гевгелија, и сите други дијалектни места од Општословенскиот лингвистички атлас. Од друга страна, поимот стандарден литературен јазик е политичка творба, артефакт, резултат од создавањето на државите-нации. Стандардните литературни јазици се формираат во определено време и имаат точно дефиниран простор определен со границата на државата. Така, и македонскиот и бугарскиот стандарден литературен јазик се политички творби.

Македонскиот јазик и бугарскиот јазик се делови од јужно-словенски дијалектен континуум. Македонскиот стандарден литературен јазик е кодифициран врз основа на крајните југозападни говори од тој континуум, додека стандардниот литературен бугарски јазик е кодифициран врз основа на крајните североисточни говори. Обата национални јазика стојат во подеднаков однос кон целината на дијалектниот континуум. Оттука, во никој случај не може да се тврди дека едниот литературен јазик е дијалект на другиот. Тоа би било исто како кога еден брат би тврдел дека другиот брат потекнува од него. На компресираната временска скала од илјадници години, во која годините се претставени со секунди, литературниот бугарскиот јазик е роден една до две минути пред литературниот македонскиот јазик.

Меѓутоа, уште повеќе, во никој случај не може да се тврди дека не постои македонскиот јазик како дел од јужнословенскиот дијалектен континуум. Инаку тој не би можел да се кодифицира. Постојат примери на јазици кодифицирани врз иста дијалектна основа, но именувани со различни имиња во разни држави. Такви, според светската лингвистичка наука, се српскиот, хрватскиот, босанскиот, и црногорскиот јазик, – сите се кодифицирани врз иста дијалектна основа: штокавскиот дијалект на западно-јужнословенскиот дијалектен континуум. Но, бугарскиот и македонскиот јазик се кодифицирани врз различна основа.

Бугарскиот литературен јазик постои од 1878 година, а македонскиот од 1945 година – тогаш се формирани соодветните држави-нации. Но, литературните јазици имаат и просторна димензија. Така, само во периодите од 1915 до 1918 година и од 1941 до 1945 година, кога територијата на денешна Македонија се наоѓа во рамките на (или, ако сакате, е окупирана од) државата Бугарија, официјален јазик во Македонија бил стандардниот литературен бугарски јазик. Никогаш другпат.

Да заклучам: според светската лингвистичка наука, македонскиот јазик е формиран многу пред формирањето на државата Македонија и македонскиот стандарден литературен јазик. За тоа постојат бројни документи, но многу повеќе од тоа, фактот дека македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, препознатлив јазик, артикулирана свест за етно-културната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор. Така на пример, во својата Автобиографија, Прличев ќе рече: „бев, како и денеска што сум уште, слаб во бугарскиот јазик”, уште еднаш потцртувајќи дека македонскиот и бугарскиот јазик, и тогаш, во втората половина на 19 век, се меѓусебно диференцирани.

Таква е ситуацијата и денес, дури и уште понагласена е разликата, инаку зошто требаше да се преведуваат стотици книги од македонски на бугарски и од бугарски на македонски јазик. Автономистичкиот пристап кон македонскиот идентитет и правото на Македонците на сопствена држава недвосмислено доаѓаат до израз во конститутивните акти на Македонското научно-литературно друштво во Санкт-Петерсбург, под раководство на Димитрија Чуповски, близок соработник на Крсте Мисирков. Поврзано со ова, а имајќи ја предвид воспоставената практика при основањето на САНУ и БАН, МАНУ треба да го чествува 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонско научнолитературно другарство, за ден кога се основа МАНУ.

Прашањето за македонскиот јазик, се надевам дека конечно и еднаш засекогаш ќе ги обедини политичките партии во Македонија. Некои граѓани и политичари во денешна Македонија можат да сметаат дека пред 1945 година, некои жители на (пиринска, егејска и вардарска) Македонија зборуваат бугарски јазик, а потоа, по 1945 година, македонски јазик – тоа е нивно право. Но, подржете го моето право и правото на илјадници други граѓани во пиринска, егејска, и вардарска Македонија да имаме различно мислење од вашето. Кога станува збор за политичките партии, сепак, тие се должни цврсто да ги бранат светските научни тврдења според кои македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години) континуитет./Љупчо Коцарев

Advertisement