Јазикот е Македонска себепрепознатливост

 

Апстракт. Говорот на Гораните, кој се наоѓа на крајниот северозападен дел од македонската јазична територија, според релевантните фонетско-фонолошки и граматичко-структурни карактеристики недвосмислено припаѓа на македонскиот дијалектен систем. Авторот тргнува од премисата дека роднинската терминологија е најстариот слој во јазикот. Врз основа на темелна анализа на лексиката во горанскиот говор поврзана со роднинските односи, се потврдува тезата дека и на лексички план говорот на Гораните е цврсто поврзан со македонскиот јазик. Иако во текот на историјата, па дури и денес, Гораните себеси се идентификуваат како нашинци, сепак преку јазикот ја идентификуваат својата различност во однос на другите. Всушност, јазикот е македонската себепрепознатливост на Гораните.

Клучни зборови: себепрепознатливост (идентитет), јазик, Горани, говор, роднински односи, лексика.

Македонците во областа Гора (види: Карта), што ја сочинуваат триесет села, поделени во Република Македонија (две), во Република Косово (19) и во Република Албанија (девет), се исламизирани во XVIII и во XIX век. Според податоците со кои располагаме, иако не се целосни, бројот на жителите во 1948 година по селата бил следниот: Брод – 2248 жители, Рестелица – 1393 жители, Рапче – 889 жители, Враништа – 755 жители, Радеша – 753 жители, Шајновец – 686 жители, Глобочица – 648 жители, Кукаљане – 543 жители, Лештане – 537 жители, Зли Поток – 486 жители, Крстец (Голем и Мал) – 465 жители, Млике – 461 жител, Орќуша – 415 жители, Драгаш – 408 жители, Диканце – 318 жители, Љубовиште – 344 жители, Крушево – 281 жител и Баќка – 222 житела (Димовски 1984: 180). Исламизацијата на дел од православниот македонски народ не останувал само акт на промена на верата, туку таа со себе носела опасност од натамошна етничка трансформација на исламизираниот дел од православниот македонски народ. „Бидејќи исламот не признаваше народносна припадност, а религијата како форма на општствена свест беше доминантна, таа создаде остри конфликти меѓу луѓето иако се наоѓаа во рамките на една јазична заедница. Верската самосвест кај исламизираните Македонци подоцна детерминирана како ’турска‘ ќе ја засени вистинската народносна припадност и цели векови ќе му го придушува националното чувство на овој дел од македонскиот народ“ (Лиманоски 1993: 11). Всушност, исламизацијата е првиот од двата чекора во одродувањето на македонскиот народ, а со губењето на мајчиниот македонски јазик и со примањето на туѓ јазик – турски или албански – исламизираниот дел од православниот македонски народ се турцизирал или се албанизирал, со што се остварува вториот и последниот чин во одродувањето, при што настанува тотална асимилација. Токму затоа, „со цел да извршат тотално одродување, сега (на милитантните кругови од редот на албанските сецеонисти, турски шовинисти или муслимански интегристи) трн во очите им стана македонскиот јазик, како основен етнички сведок и доказ за етничкото македонско потекло на Македонците муслимани“ (Лиманоски 1993: 15).

Нагласуваме дека жителите во областа Гора, којашто се наоѓа во крајниот северозападен дел од македонската јазична територија, се Македонци врз кои е извршена исламизација со намера да се одродат од матичниот македонски народ. „Исламизацијата, забележува д-р Нијази Лиманоски, ќе предизвика и процеси на десловенизација на етнографскиот словенски простор и на Косово и Метохија и во Западна Македонија и пошироко преку населување на албанско муслиманско население и исламизација и албанизација на домашното словенско население во овие области“ (Лиманоски, 1993: 10). Но Македонците во Гора не претрпеа натамошно одродување, односно деетнизација. „И покрај промената на религијата и имињата (како резултат на извршената исламизација) при што се посегнало и во низа други етнички белези и карактеристики, дури и во најдлабоката интима и свест, сепак ова исламизирано македонско население со самиот љубоморно зачуван македонски јазик, и натаму во одот низ историјата сè до денес објективно остана да му припаѓа на македонскиот етнос“ (Лиманоски, 1993: 40). Не треба да го заборавиме и фактот дека Македонците „во селата беа поисламизирани речиси насила од повеќе причини но најчесто за остварување на општодржавните и военостратешките цели на турското царство“ (Лиманоски, 1993: 10). Мошне интересно е да се спомене следниот факт. Имено, од искажувањето на г. Исмаил Бојда, по потекло од селото Брод, дознавме дека селото имало четири дела, што ги сечат две улици во форма на крст. Во еден дел од селото живеат Богдановци, потомците на Богдан, од чиј род потекнува и г. Исмаил Бојда; во вториот дел живеат Томевци, потомците на Томе; во треетиот дел живеат Ѓурѓовци, потомците на Ѓурѓо; и во четвртиот дел живеат Аврамовци, потомците на Аврам. Патем, ќе споменеме дека името на селото Брод потекнува од соодветниот апелатив брод и значи ’плитко место на река, каде што може да се премине‘ < стсл. brodq (Иванова, 2013: 75–76). Нашите проучувања на лексиката на горанскиот говор од тематското подрачје роднински односи ни го потврдуваат фактот дека горанскиот говор не само што припаѓа на македонскиот дијалектен систем според главните фонетско-фонолошки и граматичко-структурни особености туку овој говор и на лексички план е органски поврзан со македонскиот дијасистем. Помеѓу другите, за тоа сведочат и следниве лексеми: брат, девер, дете, жена, зеќ (<зет), золва, јатрва, маќаха (<маќеа), муж (<маж), невеста, побратим, посестрима, сват, свекор, свекрва, сестра, син, снаа, ќерка и чедо, кои се единствени називи на македонското говорно подрачје и ја покриваат целата македонска јазична територија, односно лексемите баба, дедо, мајка, сака, стрина, татко и тетка, кои се застапени на најголем дел од македонска јазична територија (Дрвошанов 2013).При нашата определба да ја анализираме роднинската терминологија тргнавме од премисата дека роднинските односи имаат длабоки историски корени. Тоа го потврдува истакнатиот руски научник О. Н. Трубачев, кој забележува дека „според староста на своето првобитно оформување и според долготрајноста на развитокот, а одовде – според сложеноста на многу моменти од својата историја, терминологијата на роднинските односи зазема исклучителна положба во основниот речнички фонд“ (Трубачев, 1959: 17) на секој јазик, следствено во основниот речнички фонд и на македонскиот јазик.

Тоа значи дека лексиката, поврзана со роднинските односи, го одразува најстариот слој во лексиката на секој јазик, се разбира, и во лексиката на македонскиот јазик. Споменавме, исто така, дека роднинските односи имаат длабоки историски корени, па, според тоа, сосема е очекувано имињата од таа област на синхрониски план да ја одразуваат старата етапа од развојот на македонскиот лексички состав. Токму затоа лексемите од тематското подрачје роднински односи ја потврдуваат исконската поврзаност на горанскиот говор со македонскиот дијасистем.

Со оглед на фактот што македонскиот јазик долго време бил изложен на туѓи влијанија од балканскиот латинитет, од грчкиот јазик и од други јазици, а, особено од турскиот јазик, има траги од нив дури и во фонетскиот и во морфолошкиот систем на македонскиот јазик. Треба да нагласиме дека туѓото влијание е најизразено во областа на лексиката, затоа што таа е најотворен систем за влез на странски зборови.Како се рефлектира туѓото јазично влијание во горанскиот говор во областа на лексиката? Сосем е разбирливо дека туѓите јазични влијанија се одразиле и во областа на лексиката на горанскиот говор, следствено тие се одразиле и во подрачјето на роднинската терминологија, како дел од лексичкиот состав на говорот.Меѓутоа, голем број од наведените називи од областа на роднинската терминологија, во однос на нивното потекло, се македонски наследени зборови. Покрај тоа што секој од овие називи ја потврдува органската поврзаност на горанскиот говор со македонскиот дијасистем, тие со нивната жива употреба, освен што ги прошируваат македонските лексички изоглоси на споменатите називи до крајниот северозапад од македонската јазична територија, според некоја карактеристика секој од нив претставува своевидно богатство за македонскиот јазик.Тоа значи дека Македонците во Гора го почитуваат духот на своите и наши прадедовци.

Тие успеаја да ги зачуваат основните етнички карактеристики, својствени за македонскиот народ, со што го зачуваа „македонскиот ентитет и етнички континуитет од средниот век досега, иако напорите на муслиманското свештенство биле насочени кон тоа да ги избришат остатоците од предисламскиот период и тоа во јазикот, фолклорот, обичаите, битот и другите карактеристики“ (Лиманоски, 1993: 10). Денес пред нас се наметнува прашањето: дали Македонците во областа Гора, изложени на многубројни и на различни туѓи влијанија, ќе можат да го зачуваат македонскиот јазик, наследен низа векови од нашите и нивни прадедовци?Поврзувајќи ја „империјалистичката мисловна фантазија“ за Македонија на владите и на крунисаните поглавари од крајот на XIX и од почетокот на XX век со сегашноста, Ханс-Лотар Штепан констатира: „Денес не е воопшто поинаку: иако Македонија, во меѓувреме, го поседува статусот на демократска, легитимирана, суверена република и е призната членка на ОН, соседните држави смеат сосема отворено да трубат на сите страни за нивните божемни претензии и да го шират во светот сомнежот во меѓународно-правниот квалитет на Македонија, без, притоа, совесните и умерени големи сили или будните организации да преземат решителни мерки против тоа“ (Штепан, 2005: 215). За жал, реалистична, кристално јасна и точна констатација. Поради изложеноста на многубројни и на различни засилени туѓи влијанија, денес Македонците во областа Гора, тешко можат да го заштитат и да го зачуваат мајчиниот македонски јазик, кој е наследен низа векови од нашите и нивни прадедовци. И покрај тоа, нас единствено нè охрабрува фактот што Гораните се свесни за македонската припадност, изразувајќи ја својата македонска себепрепознатливост преку говорот. Македонскиот говор во областа Гора, што го сочинуваат споменатите триесет села, независно од фактот што е поделен во три држави, „по неговиот фонолошки систем и по граматичката структура во целина и на синхрониски и на дијахрониски план влегува во составот на македонскиот дијасистем“ (Видоески, 1998: 312). Недвосмислена потврда за тоа дека Гораните се нераскинлив дел од македонската целост е токму нивниот говор, кој јасно зборува за длабоката втемеленост на Гораните во нашата историја од памтивека до денес, односно јазикот преку кој ја манифестираат својата македонска себепрепознатливост. Во долгата историја македонскиот народ, помеѓу другото, се идентификувал и преку јазикот. „Историјата на јазикот е неразделна од историјата и етногенезата на народот што го зборува тој јазик. Во него се одразени особеностите и менталитетот на тој народ. Затоа јазикот се смета за еден од неговите основни белези. Не случајно во повеќе јазици зборот ·a½ik има значење и на народ, како грчкото γλῶσσα, γλῶττα и старословенското ѽ»kq“ (Илиевски, 2010: 125).

Гора е компактна македонска дијалектна целост, во која од памтивек до денес живеат Гораните, кои се со исламска вероисповед. Но тоа не ги прави помалку Македонци.

ЛИТЕРАТУРА

Видоески, Божидар 1998. Дијалектите во македонскиот јазик. Том 1. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите.

Димовски, М-р Божидар 1984. „Областа Гора, природни карактеристики и население”. Македонци муслимани (Материјали од Првиот научен симпозиум одржан на 3 и 4 октомври 1981 година во Кичево и од другите културно научни средби на Македонците муслимани), 173–182. Скопје: Културно научни манифестации на Македонците муслимани.

Дрвошанов, Васил 2013. Кон роднинската терминологија на горанскиот говор. Скопје: Бата прес.

Иванова, Олга 2014. Речник на имињата на населените места во Р. Македонија (б, ѓ, е, ј, н, р, т, ќ, у, ф, х, џ, ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков”.

Илиевски, Петар Хр. 2010. „Периодизација во историскиот развој на македонскиот јазик”. Меѓународен македонистички собир, Реферати од научниот собир одржан 29–31 август 2008 г. во Охрид, 89–100. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески”.

Лиманоски, Д-р Нијази 1993. Исламизацијата и етничките промени во Македонија. Скопје: Македонска книга.  Трубачев, О. Н. 1959. История славянских терминов родства и некоторых древнейших терминов общественного строя. Москва: Академия наук СССР, Институт славяноведения, Издательство Академии наук СССР.

Штепан, Ханс-Лотар 2005. Македонскиот јазол. Идентитетот на Македонците прикажан на примерот на Балканскиот сојуз (1978–1914). Скопје: Аз-букви. Проф. д-р Васил Дрвошанов

Advertisement