Македонија: 29 нови случаи на коронавирус вкупно 114

Во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата, соопшти Министерството за здравство.

„Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот, изнесува 114. По градови: Скопје (22), Штип (3), Дебар (2), Куманово (1) и Охрид (1). Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1)“, наведуваат од министерството.

Од таму информираат и дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти. Седум пациенти се континуирано на третман со кислород, 11 се веќе во стабилна – добра здравствена состојба.

„Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај 6 пациенти ќе се зема контролен брис. Од нив 5 се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување нема промена на состојбата и таа сѐ уште е на респираторна машина. Пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите“, соопштуваат од здравство.

Според податоците објавени на Институтот за јавно здравје,пак, вчера најголем дел од регистрираните случаи се на возраст од 20-29 и 50-59 години а во однос на дистрибуцијата по пол, 10 се женски и 8 машки.

До 20.03.2020 наведува Институтот возраста на заболените се движи од 4 до 87 години, а најголем број на заболени се на возраст над 60 години.

„Од вкупниот број на случаи, 17 се импортирани, од кои за 3 има податок за контакт со потврден случај на COVID-19 за време на нивниот престој во странство. Само едно лице е детектирано на точка на влез (Меѓународен аеродром Скопје). Од позитивните случаи, регистрирани се 486 контакти кои се следат или беа следени во период од 14 дена. Од регистрираните, 58 случаи со локална трансмисија“, наведуваат од Инситутот за јавно здравје.

Advertisement