Македонија и Албанија одржаа скрининг состанок со Евростат за поглавјето Статистика

Делегации од Македонија и Албанија во петокот, на 16 септември одржаа објаснувачки скрининг состанок заедно со повеќе од 30 претставници од Евростат како дел од процесот на преговори за пристапување кон Европската Унија (ЕУ). Процесот на преговори за влез во ЕУ на двете земји беше започнат на 19 јули годинава преку првите меѓувладини конференции со секоја од земјите.

Следната фаза за двете земји е аналитичката проверка на телото на законите на ЕУ, односно Скрининг процесот што го покрива целиот спектар на политики и законодавство на ЕУ, организиран во шест кластери што ги покриваат сите 35 поглавја на правото на ЕУ. Поглавјето 18 – Статистиката е дел од кластерот Основи, заедно со фундаменталните права и слободи, судството, правдата и внатрешните работи.

Скрининг процесот овозможува кандидатските земји да се запознаат со законите и стандардите на Унијата и за обврските што истите ги носат. Скринингот е првиот чекор во започнување на преговарачкиот процес. Тој е составен од две фази:

  1. Објаснувачка сесија каде одделенијата на Комисијата го објаснуваат чекор по чекор правото на Европската Унија;
  2. Билатерална сесија каде секоја кандидатска земја е поканета да презентира каде се наоѓа по поглавје во своите подготовки за усвојување и имплементирање на правото на Унијата.

Во февруари 2019 година беше организирана воведна објаснувачка сесија на која земјите беа запознаени со статистичкото право. Состанокот што се одржа минатиот петок беше комплементарен на оној во 2019 година. Делегациите на нашата земја и соседна Албанија беа информирани за новостите и новото законодавство воведени во полето статистика од последната средба.

Следен чекор е билатералниот скрининг што ќе биде организиран за двете земји одделно најдоцна до ноември 2023 година. Тоа ќе биде можност за земјите да ја изнесат својата оцена за секое поглавје, а предметните единици на Комисијата да ги разјаснат отворените прашања.

Advertisement