Македонија втора на Балканот според златни резерви

 

Македонија е втора на Балканот и на 77 место во светот според вкупни резерви на злато, според последната листа која ја објави Светскиот совет за злато, лидер во светот според резерви на злато се Соединетите Американски држави кои  чуваат 8.135 тони злато.

На второ место на листата оваа година се наоѓа Германија со златни резерви од 3.377 тони, на трето место се наоѓа Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со резерви од 2.814 тони. Меѓу десетте најбогати со злато се Италија, Франција, Кина, Русија, Швајцарија, Јапонија и Холандија.

Кога станува збор за Балканот најголеми златни резерви има Србија односно вкупно 18,8 тони и се наоѓа на 63. место во светот. Македонија е втора на Балканот со вкупни златни резерви од 6,9 тони, потоа следи Словенија со златни резерви од 3,2 тони и се наоѓа на 88. место. Босна и Херцеговина е на 91. Место во светот со златни резерви од 3 тони,  Албанија со 1,6 тони, додека на последно 100. место се наоѓа Монголија со златни резерви од 1,5 тони.

На листата која е направена врз основа на податоци од ММФ не се наоѓаат земји кои во последните шест месеци не доставиле нови податоци, како ни оние кои не објавуваат податоци јавно. На листата оваа година ги нема Црна Гора и Хрватска.

Народната банка во октомври минатата година ја зголеми количината на монетарно злато во девизните резерви на Македонија со претопување на ковани пари и конфискувани златни предмети во монетарно злато. Со тоа се стекна со 6 нови прачки на монетарно злато со пазарна вредност од околу 2,6 милиони евра