Македонската Алијанса изразува загрижност за Едмонд Темелко

Македонската Алијанса изразува благодарност на Претседателот на Албанија, Илир Мета, кој уште еднаш покажа дека е вистински пријател на Македонската заедница во неговата земја. Изразувајќи грижа за сериозно нарушената здравствена состојба на својот коалиционен партнер, Претседателот на Македонска Алијанса за Европска иднина и актуелен Градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, Претседателот на Албанија Илир Мета, среде Скопје им одржа лекција и на Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, и на актуелната Влада, но и на најодговорните Македонски политички партии моментално застапени во Македонското Собрание.

Жално е за нашата Татковина што докажаниот борец за остварување на основните човекови права на нашите браќа и сестри Македонци кои живеат во Албанија единствениот Градоначалник – Македонец во Албанија, Едмонд Темелко, доживеа да биде третиран како терорист во својата Република Македонија, додека оние кои го уриваа Уставниот поредок беа амнестирани и се на највисоки Државни функции.

Македонската Алијанса уште еднаш ги повикува СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ јавно да се заложат, да дадат гаранции и да побараат од правосудните органи Едмонд Темелко веднаш да биде ослободен од притвор. Не бараме ниту аболиција ниту амнестија, туку фер национален пристап кон Едмонд Темелко. Фактите дека во конкретниот случај се работи за единствениот Градоначалник-Македонец во Албанија кој заради притворот не е во состојба да ги брани интересите на нашите браќа и сестри Македонци кои живеат таму, кој исто така е со тешко нарушено здравје, се доволни за да Судот ценејќи ги овие околности ќе му даде можност на Едмонд Темелко да се брани од слобода – стои во соопштението на Македонската Алијанса.

Advertisement