“Медена земја” не се закити со Оскар но ги освои срцата на милиони ширум светот

Македонскиот документарен филм на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, иако не ја доби престижната златна статуетка сепак ќе остане во историјата на Американската академија за филмска уметност и наука, како прв филм номиниран во две категории – најдобар документарен и најдобар интернационален филм.

Оскарот за најдобар документарец го однесе првиот филм на компанијата на Барак и Мишел Обама  со наслов “Американска фабрика”, додека “Паразит” е добитник на наградата за најдобар интернационален филм.

“Медена земја” сепак освои повеќе десетици награди и признанија на престижни филмски фестивали на разни континенти, меѓу кои и наградата за најдобар светски документарец на најголемиот фестивал на независен  филм Санденс. “Медена земја” ја доби наградата за најдобар документарен филм и на  Меѓународното здружение на филмски критичари ((NSFC) што се смета за една од најпрестижните во Америка како и наградата што ја доделува здружението на ЛГБТ-критичарите во САД, Dorian Awards.

На најпрестижниот интернационален настан за документарни филмови во организација на Интернационалната  документарна асоцијација (ИДА ) во САД, Фејми Даут и Самир Љума ја освоија наградата „Pare Lorentz” за најдобра кинематографија .

Филмот ја раскажува приказната за Атиџе, најверојатно последна или една од последните пчеларки во Европа кои собираат мед од диви пчели. Она што допре до срцата на милиони луѓе ширум светот се пораките од оваа навидум едноставна, но всушност повеќеслојна  приказна. А, тие не можеа да дојдат во подобро време отколку сега, кога светот се справува со еколошки катастрофи и климатски промени, во голем дел, поттикнати од човековата алчност.

Животот на срeдовечната пчеларка  во едно зафрлено  и празно македонско селце е порака дека е можно да се живее во спој со природата, да се биде едноставен, да се поседува материјално малку, а сепак да се биде задоволен,среќен и спокоен. Единствениот македонски номиниран филм за Оскар пред ‘Медена земја’ беше филмот на Милчо Мнчевски ‘Пред дождот’  во категоријата за  најдобар странски филм во 1995 година.

Тимот на “Медена земја” пред сѐ, сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас.

Сепак, и покрај тоа што „Медена земја“ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за „Оскар“.

„Медена земја“ истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со останатите номинирани. Кога го промовиравме филмот на фестивалот „Санданс“, пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот „Неон“ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни. На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака.“

“Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа, и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други”, Атиџе Муратова, главна протагонистка во “Медена земја”

Advertisement