Министерот за надворешни работи Никола Димитров на Сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Министерот за надворешни работи Никола Димитров имаше обраќање на априлската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која што се одржува во Стразбур од 23 до 27 април 2018 година. Во своето обраќање, министерот Димитров истакна дека во време на глобални предизвици и кризи неопходно е земјите членки на Организацијата да направат сеопфатни напори за имплементирање на преземените обврски од членството во Советот на Европа (СоЕ), со што директно придонесуваат кон зајакнување на демократската сигурност на Европа. Воедно, тој истакна дека, …„консолидирањето на Европа е невозможно без стабилен, мирен и просперитетен Балкан.”

Во однос на напредокот во европските интеграции, министерот Димитров рече дека најдобра потврда за направеното е чистата препорака во новиот Извештај за напредокот на Европската комисија. Tој нагласи: „Нaш предизвик е да постигнеме суштинска промена внатре. Нашата цел не е само да стигнеме до ЕУ членство. Патот до таму е исто толку важен и треба да води кон изградба на општество во кое владее правото, функционираат институциите и се почитуваат човековите права.”

При посетата на Советот на Европа (СоЕ), МНР Димитров имаше одделни средби со: Торбјорн Јагланд, генерален секретар на Советот на Европа, Микеле Николети, претседател на Парламентарното собрание, Гвидо Раимонди, претседател на Европскиот суд за човекови права, Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, како и со членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

На разговорите ги претстави преземањата во надворешната политика на Владата на Република Македонија, новата соседска политика, а се осврна и на активностите на Владата, во поглед на реформите за унапредување на демократијата, човековите права и владеење на правото. Го нагласи задоволство од соработката со телата и мониторинг механизмите на СоЕ, истакнувајќи дека нивните наоди, препораки и стандарди, претставувааат значаен придонес кон исполнувањето на нашите стратешки цели за членство во НАТО и ЕУ.

Oд аспект на работата на СоЕ, ја повтори македонската позиција дека е неопходно постигнување на висок степен на заедништво на континентот во насока на развојот на демократијата, заштитата на човековите права и владеењето на правото, доколку сакаме да постигнеме заеднички прогрес во интерес на подобар и посигурен живот за идните генерации. Притоа, МНР Димитров нагласи дека „лекцијата што ја научивме од кризата дома, а која вреди да се сподели и пошироко, е дека не е пожелно да се замижува пред проблемите, туку истите треба гласно да се адресираат и активно да се работи на изнаоѓање решенија ,” – порака која Претседателот на Парламентарното собрание ја прифати како релевантна и во однос на работата на СoE.

Advertisement