Обраќање на амбасадорот Данчо Марковски по повод обележувањето 10 години од формирањето на Македонско друштво “Илинден”-Тирана

 

Почитувани Македонки и Македонци,

Почитувани гости,

членови на дипломатскиот кор

Почитувани пријатели,

Дозволете ми од името на Амбасадата на Република Македонија и од мое лично име да упатам искрени честитки по повод 10 годишнината од основањето на Македонското друштво „Илинден“ во Тирана,  Република Албанија. Во изминатата декада друштвото Илинден израсна во препознатлив граѓански субјект збогатувајќи го цивилно милје во албанското демократско општество. Благородните цели кон коишто се стремат членовите на Илинден, но и членовите на останатите македонски друштва, се да го зачуваат културното битие и вродениот пилар на македонштината што Македонецот со векови и низ разни премрежија го носел со себе.

Република Албанија со донесениот Закон за малцинствата ги отвори портите на демократијата внесувајќи ги европските вредности во секојдневниот живот на своите граѓани во кои спаѓаат Македонците и останатите малцински групи во оваа убава земја. Тоа подразбира слобода да се изрази посебноста на секој во градењето на заедничкото албанско општество. Во тоа треба да се гледаат можностите на Македонците за нивна натамошна работа во негувањето на македонскиот јазик, култура, идентитет и посебност.

Скорото отворање на македонскиот Културен информативен центар во Тирана ќе претставува одлична можност за артикулирање на вашите активности пред албанската културна јавност.

Почитувани

Дозволете ми од ова место да ја упатам следната порака. Живееме во период на изразени пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Албанија. Покрај плодната билатерална соработка мошне скоро очекуваме да бидеме заедно во две мошне значајни организации НАТО и Европската унија. Заеднички влегуваме во светот на западните вредности, свет во кој човековите права,  правото на поединецот го добива своето место во општеството.

Затоа ве повикувам сите македонски друштва, интелектуалци, истакнати поединци и сите Македонци од Мала Преспа, Гора, Голо Брдо, Тирана и секаде ширум Албанија, да бидете сплотени, а не поделени во тоа што го работите, едноставно да бидете неимари на вашата судбина, да бидете градители на мостови на пријателство меѓу двете држави и двата народа.

Да сте ми живи и здрави.

Ви благодарам на вниманието.