Обраќање на Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво “Илинден”-Тирана и уредник на Македонски весник “Илинден” по повод десетгодишнината од првиот број на македонскиот весник “Илинден“

Добар ден почитувани пријатели,

Во оваа пригода, посебна чест ми претставува да ги поздравам:

Почитуваниот господин Сашко Ташулов, Министер советник во Амбасада на Република Македонија во Тиранa, Република Албанија

Почитуваниот господин Лаурентиу Стинга, шеф на политичката канцеларија на  присуството на ОСБЕ во Тирана, Република Албанија

Почитуваниот господин Алексеј Самсонов, советник во Амбасадата на Руска Федерација во Тирана, Република Албанија

Почитуваниот господин Роберт Гајда, комесар за заштита од дискриминација на Република Албанија

Почитуваниот господин Сед Казанџиу, заменик претседател на Комитетот за национални малцинства во Република Албанија

Почитуваниот господин Алтин Тола, Амдинистратор на административна единица – Острени, областа Голо Брдо

Почитуваниот господин Маринко Чулафиќ, претседател на Црногорската заедница во Република Албанија

Почитуваната госпоѓа Елса Џелили, координатор на Македонското друштво “Илинден”-Тирана за Округот Елбасан

Почитувани гости,

Дами и господа,

Драги пријатели,

Денес одбележуваме значаен јубилеј за македонското население во Република Албанија. Имено, пред точно десет години, на 1. март 2011 година како двоброј  (март/април) беше испечатен првиот број од македонскиот весник “Илинден“ како гласило на Македонското друштво „Илинден“- Тирана. Поради пандемијата, одбележувањето на настанот не можеше да се одржи во март, но затоа пак на него потсетуваме денес.

Изминативе десет години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија како и меѓу македонската дијаспора во светот.

Според бројните дописи кои пристигнуваат на електронската адреса на Редакцијата на весникот  “Илинден“ како и комуникацијата преку профилите на весникот на социјалните мрежи со читателите, забележуваме дека во десетгодишниот период весникот прерасна во сериозен медиум од чии вести и теми се напојуваат сѐ поголем број на корисници од македонското националнo малцинство во Република Албанија.

Македонскиот весник “Илинден” досега има испечатено 47 изданија, а почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија весникот може да се следи и преку своето интернет-издание: www.vesnik-ilinden.com

На тој начин нашиот весник стана достапен за целокупната јавност, како за сите Македонци во Албанија, регионот и цел свет. Исто така, од септември 2017 година, македонскиот весник “Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (online) и ISSN 2522-4514 (print) и дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија: grid.mk и daily.mk

Македонскиот весник „Илинден” исто време е достапен во Националната Библотка во Тирана, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како и во Библотеката на Македонската академија на науките и уметностите.

Мисијата на нашиот весник беше и останува да го поттикнува и одржува во континуитет македонскиот јазик и идентитет во Република Албанија. Остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и на Македонија, како и од Македонците ширум светот.

Од тогаш до денес, весникот “Илинден“ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија. Вредно е да се спомне дека многу од македонските и светските информативни гласила користат податоци објавени во весникот “Илинден“. На тој начин, за многу значајни настани од животот на Македонците во Албанија, се информира пошироката светска јавност.

И да не должам.

Во оваа прилика, од име на редакцијата на весникот „Илинден” им се заблагодарувам на сите свои соработници, кои несебично помогнаа во конципирање на тематската и визуелната содржина на весникот, особено за компјутерската обработка на Тримакс –  Скопје, како и на печатницата Абази – Тирана.

Посебно благодарност до г-дин Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада што овозможува весникот “Илинден“ да стане глас на Македонците во Република Албанија

Воедно, Редакцијата се заблагодарува и на верната читателска публика, која со покажаниот интерес кон содржините што ги понуди весникот „Илинден“, покажа дека со објавуваните информации навистина ја допре сржта на проблемите на Македонците во Албанија.

Македонскиот весник “Илинден”денес ја прославува својата десетгодишна работа и постоење, а за неговото значење оставаме повеќе да каже историјата.

Ви благодарам што сте денес со нас и за Вашето внимание.

Advertisement