ОБСЕ ја почна набљудувачката мисија за изборите во Албанија

 

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска и официјално ја почна својата набљудувачка мисија за претстојните парламентарни избори во Албанија. ОБСЕ соопшти дека во рамки на мисијата ќе бидат распоредени 26 постојани набљудувачи, а дополнително ќе бидат ангажирани уште 300 претставници од сите 57 земји членки на Организацијата, со исклучок на Албанија.

Парламентарните избори во Албанија се закажани за 18 јуни и за учество на нив се пријавени 15 политички партии, меѓу кои ниту една опозициска. Опозицијата се сомнева дека актуелната Влада ќе манипулира со изборниот процес и бара да биде формирана техничка влада која ќе спроведе „слободни и фер избори“.

Актуелниот премиер Еди Рама, кој е и лидер на Социјалистичката партија, денеска од партиската Изборна конвенција иронично изјави дека по 27 години албанскиот Парламент ќе биде без Сали Бериша.

Во отсуство на опозициски кандидати главната битка ќе се води меѓу Социјалистичката партија на Рама и Социјалиситчкото движење за интергарција на Петрит Васили, кое до неодамна го водеше Илир Мета, кој на крајот на јуни ќе ја преземе функцијата шеф на државата.