Поп Тодор Плаушку (1918 – 2012) чувар на православието и на македонштината во Албанија

 

Поп Тодор Плаушку роден на 1918 година во Клење, областа Голо Брдо. Целиот живот го посветил на верата, а во времето кога служел како поп во родното место Клење, областа Голо Брдо, многупати добивал закани од режимот заради неговата дејност. И покрај тоа, поп Тодор ревносно ја исполнувал својата света должност. Пред пет години поп Тодор се упокои, а неговата загуба и денес се чувствува бидејќи тој со децении бил свештеното лице кое има крстено цели генерации на православни христијани во Голо Брдо, Долни Дебар (Ербеле, Крчиште, Пешкопеја), Тирана, Драч, Елбасан и насекаде каде што се беа преселиле Македонците од овие краишта. Во времето на атеистичка енверова Албанија, каде беше забрането се што е во врска со Бога или со верски предзнак, поп Тодор, тајно правеше верски обреди во домашни услови, во областа Голо Брдо во времето на комунизмот. Иако законски беше забрането, поп Тодор секогаш беше спремен за да отпатува и во најдалечната дестинација за да придонесе за одржувањето на православната вера кај православното македонско население во Албанија. Имајќи предвид дека во комунистичката Албанија од 1967 г. се до 1991 година сите верски лица беа расчинети, прогонети и им беше забрането да ја проповедаат верата, тајното дејствување на поп Тодор, придонесе кон тоа да се зачуваат православните обичаи кај македонското население во областа Голо Брдо.

Поп Тодор, беше многу почитуван кај Македонците во областа Голо Брдо, а секое негово одење по куќи беше проследено со радост, но и со немир за неговата и нашата сигурност. Често луѓето дежура надвор да не има некој да прислушкува под прозор, или да го следел гостинот. Поп Тодор беше лице со широк спектар на знаења. Освен што беше одличен теолог, тој истовремено имаше познавања од многу области, од историја, географија, филозофија и др. Освен тоа, тој поседуваше и добра меморија. Поп Тодор Плаушку беше свештено лице кај кого духовното преовладуваше над материјалното. Надоместокот што поп Тодор го добиваше за извршените обреди беше симболичен и често не ги покриваше ниту патните трошоци, но тоа не беше изговор за да одбие некого. Секогаш беше готов да излезе во пресрет, дури и кога требаше да патува 50-100 км. за да крсти некое дете. Тоа беше поп Тодор една маркантна личност за православните Македонци кои живеат во централниот и североисточниот дел на Албанија.

Почивај во мир и вечна Ти памјат!