Претседателот на Република Македонија оствари средба со претседателот на Владата на Црна Гора

 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со претседателот на Владата на Црна Гора, г. Душко Марковиќ. Двајцата соговорници изразија задоволство од севкупните билатерални односи меѓу двете земји кои континуирано бележат позитивен и нагорен тренд, како и од традиционално блиските односи и одличниот политички дијалог.

Заемна констатација на средбата беше дека меѓу Република Македонија и Црна Гора нема отворени прашања и дека двете земји се посветени на идентични надворешно-политички цели и интензивна регионална соработка. Во однос на европската перспектива на нашата земја, претседателот Иванов посочи дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион, и го нагласи интересот за интензивирање на политичко-безбедносната соработка со Црна Гора во контекст на НАТО, како и унапредување на соработката меѓу безбедносните служби на двете земји.

„Очекувам проширувањето на Унијата и на Алијансата, не само да продолжи, туку и да се забрза. Само на тој начин Европа може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува, истакна претседателот Иванов изразувајќи очекување за поддршка од Црна Гора во однос на македонските евроатлански перспективи.

На средбата беше реафирмиран интересот за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и потребата од подобро инфраструктурно поврзување како предуслов за развој на економијата и трговската размена.Претседателот Иванов и премиерот Марковиќ разменија мислења за актуелните политички случувања во Република Македонија и Црна Гора, како и за состојбите во регионот и Европа.

Двајцата соговорници го потврдија интересот за продолжување на тесната соработка во рамки на регионалните иницијативи и разменија информации за претстојниот Самит на Процесот Брдо-Бриони, чиј домаќин идната година е Република Македонија.

Advertisement