Претседателот на Република Македонија се средна со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина

 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, г. Денис Звиздиќ. Двајцата соговорници оценија дека двете држави ги карактеризираат традиционално пријателски односи и идентични ставови во однос на унапредување на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи. На средбата беа разменети мислења околу состојбите во регионот и актуелните политички случувања во двете држави и беа потврдени заложбите за целосна интеграција во Европската Унија и во НАТО. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија во континуитет го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина и нејзините напори за интеграција во ЕУ.

„Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Треба да се искористи моментумот, кога ЕУ конечно го посветува потребното внимание кон државите од Западниот Балкан, за сите да напредуваме во интеграцискиот процес”, порача на средбата претседателот Иванов.

Соговорниците разменија информации за претстојниот состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони чиј домаќин ќе биде Република Македонија, при што претседателот Иванов истакна дека овој состанок ќе биде одлична можност за продлабочена и структурирана дискусија за интензивирање на евроинтеграциите на Западен Балкан и справување со предизвиците на регионално ниво. Македонскиот претседател изрази задоволство од унапредувањето на договорната состојба меѓу двете држави и го поздрави потпишувањето на Спогодбата за патување на граѓаните од двете земји со биометриски лични карти. На средбата беше искажана подготвеност за натамошно продлабочување на севкупните билатерални односи и беше посочена потребата од подобрување на инфраструктурното поврзување меѓу двете земји и интензивирање на економската соработка, што не соодветствува со реалните можности и капацитети.

Advertisement