
Ми претставува особена чест и задоволство, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Француската Република, со желби за успешно извршување на оваа одговорна функција во полза на просперитетот и благосостојбата на пријателскиот француски народ. Цврсто сум убеден дека Вашата модерна визија и кохезивен карактер ќе претставуваат гарант за натамошен севкупен прогрес на Француската Република.
Дозволете ми, во оваа свечена прилика да ја истакнам мојата, и на Република Македонија, цврста определба за натамошно зајакнување на пријателските односи и продлабочување на политичкиот дијалог со Француската Република. На тој план, сакам да го нагласам моето лично убедување дека во периодот што следи соработката ќе бележи натамошно интензивирање во сите области од заемен интерес.
Воедно сакам да ја изразам мојата благодарност за поддршката што Француската Република континуирано и ја дава на мојата земја на патот кон нејзиното целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Водени од заедничката визија за обединета и просперитетна Европа сакам да Ве уверам дека Република Македонија ќе даде свој полн придонес во заедничките стремежи за демократска и развиена Европа, во интерес на просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот на Југоисточна Европа.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden