Премиерот на Владата на Република Македонија вечерва се сретна со Премиерот на Република Албанија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев вечерва се сретна со Премиерот на Република Албанија, кој е во Скопје за Самит 100. Резултатите од изборите се ветар во грб за демократската агенда, како и поддршка на реформските политики што отвораат перспективи. Тие се победа на концептот едно општество за сите, што ги обедини граѓаните. Ќе направиме сè што треба за да ја оправдаме довербата и да обезбедиме квалитетен живот за сите граѓани во Македонија, рече премиерот Заев.

Двајцата премиери, Заев и Рама, констатираа дека Република Македонија и Република Албанија имаат одлични политички односи, без отворени прашања и дека е тоа добра основа за интензивирање на соработката во насока на примена на европските стандарди, економска соработка, како и обезбедување услови за евро-атлантски интеграции на целиот регион. Владата на Македонија ќе продолжи да ги развива добрососедските односи низ пријателски дух со што и натаму ќе придонесува за регионалниот развој како и со цел отворање на НАТО и ЕУ перспективите, кои се стратешки цели на државата, рече премиерот Заев.

На средбата разгледани се можности за унапредување на економската и трговската соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија. Посочено е дека заедничкото учество на Самит100 во Скопје е доказ за политичката волја за развој на регионалната економска соработка, за поврзување на бизнис заедниците, заеднички инвестиции, вмрежување, транспортно поврзување.

Изразено е очекување дека ЕУ ќе ги препознае и поддржи заложбите на државите од регионот за продлабочување на потребната регионална соработка и за интеграциите во ЕУ, но и за потребите на самите граѓани од регионот. Исто така, на вечерашната средба договорено е да се интензивираат активностите за заедничка седница на владите на Република Македонија и на Република Албанија, во најскоро време.