Презентација на резултатите од прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија

Корисниците на грантови од Програмата за прекугранична соработка денеска во Охрид ќе ги презентираат резултатите од нивните проекти финансирани од Европската Унија, под слоганот „Градење заедничка иднина“. Целта е да се промовираат резултатите од девет тековни проекти финансирани од ЕУ кои се имплементираат во рамки на програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, како и да се истражат можностите за идна соработка и развој на туризмот во прекуграничната област.

На презентацијата најавено е присуство на министерот за локална самоуправа Горан Милевски, амбасадорот на ЕУ на во Македонија, Семуел Жбогар и амбасадорот на ЕУ во Албанија, Луиџи Сорека. Презентацијата е во три дела и вклучува: конференција за туризам, саем на проекти и официјално отворање на Центарот за спасување на Црвен Крст, а ќе биде спроведена и акција за чистење во рамки на кампањата „За чисто како дома исто“.

Презентацијата ќе започне со конференција за туризмот како потенцијал за прекугранична соработка помеѓу двете земји. Ќе биде ставен акцент на одржливиот туризам, жените во туризмот, како и подобра употреба на природното и културно наследство и стандардите за агро-храна за креирање нови локации за агро-туризам. Центарот за спасување на Црвен Крст (планина/вода), кој што е прв од ваков вид во регионот на меѓуграничната соработка, а беше реновиран со средства на Европската Унија, ќе биде официјално отворен. Градскиот плоштад во Охрид ќе биде домаќин на отворен саем на девет проекти финансирани од ЕУ каде корисниците на грантови од двете земји ќе имаат директни состаноци за да ги промовираат нивните резултати и да идентификуваат можности за нова соработка. Во рамки на кампањата „За чисто како дома исто“ ќе биде спроведена акција за чистење која ќе се одвива во Охридската тврдина. (Стара порта).