Промовирана бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик

 

Министерот Алаѓозовски објави дека Владата на Република Македонија и Министерството за култура, во соработка со НУБ и Институтот за македонски јазик, работеа посветено во изминатиот период, за токму на овој значаен ден, на граѓаните на Република Македонија да им овозможат една нова алатка со која ќе ги унапредуваат своите знаења за користење на стандардниот македонски јазик.

„Сметам дека оваа вест претставува голема радост за сите Македонци не само во нашата земја, затоа што со неа добиваме одличен и практичен инструмент за унапредување на нашите јазични познавања и за подобра употреба на македонскиот јазик, во јавните објави и во јавната комуникација. Ова е само еден од многуте чекори што ќе ги преземе Владата на РМ за заштита и унапредување на  употребата на нашиот јазик. Неодамна објавивме 11 предлог мерки, со кои ќе ги развиваме механизмите, институциите и можностите за македонскиот јазик и литература во повеќе сфери. Тоа им го должиме на нашите граѓани и ветуваме дека ќе работиме посветено за остварување на нашите заеднички цели“, истакна министерот Алаѓозовски на свеченоста во НУБ, по повод патронатот на Библиотеката и државниот празник 8 Декември.

Во НУБ претпладнево беа отворени и две изложби. Едната посветена на 110 години од  раѓањето на Митко Зафировски, директор на оваа институција од 1951 до 1973 година, и втората насловена „Ликот на св.Климент низ современата уметничка призма“.

По повод одбележувањето на Св.Климент, како дел од настаните за прославување на празникот, вечерва од 18.30 часот во Македонскиот народен театар, свечена академија ќе одржи Македонската православна црква, под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија. На академијата ќе се обратат архиепископот г.г. Стефан и премиерот Зоран Заев, а во музичкиот дел ќе настапи Гудачкиот квартет при Македонската филхармонија. Својот патронат денеска го одбележаа и Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“-Скопје и Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Битола.

Кинотеката на Македонија по повод празникот вечер од 20 часот ќе го прикаже филмот „Охридскиот светилник – Климент Охридски“, а предавање на тема „За основите на етиката на св. Климент Охридски“  во ЕУ Инфоцентар од 19 часот ќе одржи д-р Дејан Донев од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет. Во Собранието на Република Македонија утре свечено ќе биде доделана државната награда „Св.Климент Охридски“ за 2017 година.

Advertisement