Прва награда за Сара Џелили, Македонка од Голо Брдо на литературниот конкурс по повод 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј

Прва награда за ученичката во трета година во ОУТУ „Ванчо Питошески“ 0д Охрид, Сара Џелили за најдобра литературна творба на наградниот литературен конкурс по повод 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј распишан од страна на општина Охрид.

Сара Џелили потекнува од с. Требиште, областа Голо Брдо, а живее во Елбасан, Албанија. Таа е ученичка од ОУТУ „Ванчо Питошески“ – Охрид и е еден од степендистите на Владата на Република Македонија. Сара Џелили е член на Mакедонско друштво „Илинден“- Огранок Голо Брдо и дописник на Македонски весник „Илинден”. Во 2019 година тата е добитник на Благодарница Илинден за особен придонес за Македонското национално малциство во Република Албанија и придонес за Mакедонско друштво „Илинден“-Тирана.

Сара Џелили секогаш освојува високи награди за нивните поетски творби под менторство на професорот по македонски јазик и литература, Перчо Божиновски.

Достојно чекориме по патот кој светите браќа Кирил и Методиј одамна ни го покажаа оставајќи епохално просветителско значење за Македонија, Европа и светот. На највеличествен начин преку македонската реч оддаваме почит на нивното дело. Наша обврска и аманет е да го продолжиме нивното дело, да продолжиме да ги негуваме и чуваме македонскиот јазик, македонската традиција и македонскиот идентитет.

Свети Кирил и Методиј – наши први учители

Денес пишуваме на овој
благословен јазик,
ги цртаме на платно
тие свети букви,
букви кои пред многу векови
ги создадоа двајцата браќа.

Вие проширивте божествено знаење,
низ свети мисии.
Вие тргнавте
со благ збор и
благослов од Бога,
мракот го осветливте.

Вие браќа просветители,
светата мисија
до Охрид ја донесовте.
Преку вашите ученици,
вашата мисија се исполни.

И денес Охрид ви е благодарен,
над себе држи ваш благослов
сигурен и заштитен
тој сјае.

Вие сте нашите Кирил и Методиј,
Апостоли славни,
кои нам ни дадовте,
подарок најубав
азбуката словенска.

Денес ни е празник
на сите заедно.
Денес ние славиме,
денес е ваш празник.
А ние вашите потомци
благословени од вашето знаење,
со гордост и чест
ги славиме вашите дела.

Горделиво стоите во нашиот град,
а ние сме горди на вашиот труд.
Вечна ви слава
создаватели на словенската азбука!