Рама ги кажа трите работи поради кои треба да го добие третиот мандат од граѓаните 

Албанскиот премиер Еди Рама објави видеозапис каде ги објаснува причините зошто е потребно граѓаните да и дадат трет мандат на неговата Социјалистичка партија. Рама вели дека Албанија мора да оди до „зацртната точка за да не се врати назад, затоа и треба трет мандат“. При тоа наведува три причини за ова а тоа се конечно да го отстрани Ковид-19 од животот на Албанците, да ги врати во нивните домови сите оние кои ги изгубија во катастрофалниот земјотрес од 26 ноември 2019 година и да ја направи правдата неприкосновена.

Албанија дефинитивно мора да оди до точка за да не се врати назад а за да отиде до таа точка и треба трет мандат. Во третиот мандат има многу работи кои треба да се заокружат. Потребен ни е третиот мандат, конечно да го отстраниме невидливиот непријател од нашите животи, да ги вратиме дома сите семејства погодени од земјотресот, да се зајакне правдата и да стане непобедлива, вели Рама.

Социјалистичката партија на парламентарните избори, на 25 април, настапува самостојно но во кандидатските листи има претставници на партии на малциснките заедници, меѓу кои и Васил Стерјовски од Македонска алијанса за европска интеграција. Тој е на листата за Изборна единица Корча, каде го доби и првиот пратенички мандат. Партијата настапува под мотото „Албанија наша иднина“- нема време за одмор и е на 12 место на гласачкото ливче.

Advertisement