Социјалистичка партија на Албанија обезбеди 74 пратеници

Доцна попладнево, по пребројувањето на гласачките ливчиња од неделните парламентарни избори, потврден е трумфот на социјалистите на премиерот Еди Рама. Коалицијата „За Албанија која ја сакаме“ освоија 74 пратенички мандати во 140-члениот парламент. За оваа коалиција гласале 761.473 лица или 48,2 отсто. Од првите парламентарни избори во 1992 година, по падот на тоталитаризмот, ова е првпат една партија да обезбеди мнозинство во парламентот и да формира Влада.

Веднаш зад неа е коалицијата на десницата „Нова Република“ предводена од демократите на Љуљзим Баша со 453.156 гласови или 28,69 отсто, што значи 43 пратенички места. За партијата Движење за социјалистичка интеграција, ЛСИ, на Петрит Васили (екс лидер Илир Мета) гласале 226.124 граѓани или 14,31 отсто, обезбеди 19 пратенички места. Во новиот состав на албанскиот законодавен дом има уште четворица пратеници, тројца од Партијата за единство и правда (партија на протераните Чами од Грција) и еден пратеник од Социјалдемократската партија.

Споредено со изборите од јуни 2013 година, социјалистите имаат девет пратеници повеќе, демократите седум помалку, Движењето за социјалистичка интеграција три пратеници повеќе, додека нациналстичката партија за правда и единство еден пратеник помалку. Меѓу кандидатите на оваа партија кои не си обезбедија пратенички мандат е и Мерсила Дода, позната по иредентистичките изјави за Македонија, која не ја доби потребната поддршка во Изборната едница Пешкопеја, од каде ги испраќаше пораките. Инаку, на овие избори забележана е најниска излезност до сега. Од вкупно запишаните 3.451,896 албански граѓани, гласачкото право го оствариле 46,58 отсто. На парламентарните избори пред четири години, одзивот на гласачите бил 53 отсто.

Advertisement