Стерјовски бара целосно почитување на Законот за заштита на малцинствата во Албанија 

Пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, како член на парламентарната комисија за европски интеграции, на онлајн седницата со овластениот министер за Европа и надворешни работи Гент Цакај, му постави прашање поврзани со почитувањете на правата на македонското и другите малцинства во Албанија.

Еден од критериумите за членство на Албанија во ЕУ е почитувањето на правата на малцинствата и во тој контекст во октомври 2017 година беше усвои законот „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“, закон кој требаше да го исполни законскиот јаз во однос на третманот на малцинствата во нашата земја. Поминаа две и пол години од донесувањето на овој закон и сеуште не се усвоени околу 50 отсто од подзаконските акти и овој закон не се применува, рече Стерјовски.

Но, додаде тој, дури и оние подзаконски акти кои се одобрени, не се применуваат, како што тоа е случајот со владиниот Комитет за националните малцинства. Потсети дека Владата донела подзаконски акт кој се однесува на реорганизација на Комитетот во декември 2018 година. Исто така, во мај следната година, одлука за избор на претседател, заменик-претседателот и членови на Комитетот на малцинствата кој треба да се именува Комитет за национални малцинства, но сеуште Комитетот не е формиран.

Моето прашање до министерот е што се прави со носењето на подзаконските акти? Зошто владата го одложува носењето на подзаконските акти со оглед на тоа што како што споменав, еден од условите за членство во ЕУ е почитување на правата на малцинствата, го праша Стерјовски министерот Цакај. Првиот албански дипломат одговри дека во врска со примената на законот за малцинства и заштитата на правата на малцинствата Албанија е земја пример за тоа.

Го потенцирам фактот дека Албанија е земја-модел во однос на почитување на правата на малцинствата. Не се спомнува тоа само од нас, туку е документиран и рефлектиран факт во извештаите на меѓународните организации, вклучително и извештајот на Европската комисија. За разните доцнења, треба да се има предвид дека е многу важно секој подзаконски акт да има доволна стручност и правилен квалитет, одговори Цакај. Стерјовски побара одговор и за тоа кога се планира отворање на границата кон Македонија, каде голем број Македонци од подрачјето на Мала Преспа и Голо Грдо како сезонски работници ја обезбедуваат основната егзистенција.

Со министерот за надворешни работи на Македонија, Димитров, во целиот овој период сум речиси во секојдневна комуникација и секако, меѓу другото, разговаравме и за можноста за отворање на границите. Многу наскоро ќе одржиме конференција на ниво на министри за надворешни работи од регионот за да разговараме околу можноста за отворање на границите,рече Цакај. Посочи дека отворањето на границите треба да се направи внимателно и во согласност со сите потреби на одржување на јавното здравје и спречување на ширењето на пандемијата.

Рудина Хајдари. Господин Стерјовски. Зборот за вас.

Благодарам госпоѓо претседателке. Имам едно прашање и едно барање за министерот г-дин Цакај. Моето прашање поврзано е со почитувањете на правата на малцинствата во нашата земја. Како што знаеме, еден од критериумите за членство на нашата земја во ЕУ е почитувањето на правата на малцинствата и во тој контекст нашата земја во октомври 2017 година го усвои законот „За заштита на националните малцинства во Република Албанија“, закон кој требаше да го исполни законскиот јаз во однос на третманот на малцинствата во нашата земја.

Поминаа две и пол години од донесувањето на овој закон и сè уште не се усвоени околу 50% од подзаконските акти и овој закон не се применува. Но, дури и оние подзаконски акти кои се одобрени, не се применуваат, на пример, тука го спомнувам случајот на Комитетот за националните малцинства. Подзаконските акти, Одлуката на Советот на министри за реорганизација на Комитетот на малцинствата беа донесени во декември 2018 година. Исто така, во мај 2019 година, се донесе и Одлуката на Советот на министри за изборот на претседателот, заменик-претседателот и членовите на Комитетот на малцинствата кој денес треба да се именува Комитет за национални малцинства, но сè уште не се избрани ниту претседателот, ниту заменик- претседателот, ниту членовите на Комитетот за национални малцинства, иако помина една година од носењето на подзаконските акти.

И моето прашање до министерот е што се прави со носењето на подзаконските акти? Зошто владата го одложува носењето на подзаконските акти со оглед на тоа што како што споменав, еден од условите за членство во ЕУ е почитување на правата на малцинствата!? И моето барање за министерот Чакај е поврзано со отворање на границите. Вчера бев во Република Македонија, имав неколку средби со премиерот, претседателот и министерот за внатрешни работи, каде разговаравме за можноста за отворање на границите. Како што сите знаеме, затворањето на границите им наштети на сите албански граѓани, но особено македонската заедница економски е многу оштетена затоа што, како што знаеме, македонската заедница традиционално живее во пограничните области со Република Македонија.

Конкретно, повеќето жители на македонската заедница не се вработени и повеќето се занимаваат со сезонска работа, особено во Република Македонија. Зборувам овде за областа Преспа, Општина Пустец и областа на Голо Брдо денес во Општина Булќиза. Поминаа три месеци како се затворени границите и луѓето се невработени. Скоро 90% од населението не добива никаква помош од албанската влада, затоа што од мерките што ги има владата не можат да користат зашто се невработени. Има неколку бизниси. Може да има околу 10 бизниси кои имаат искористено од економскиот пакет, додека другиот дел зависат од сезонската работа. Затоа вчера беше мојата средба со лидерите на Република Македонија и каде разговаравме да разговараат заедно со албанските институции за да ја видат можноста за отворање на границите. Доколку оваа ситуација продолжи со затворањето на границите, барем да се погледни можноста жителите на македонската заедница во пограничните области да можат да влегуваат да работат во Македонија, затоа што работат во македонските гранични области, во Ресен, во Дебар, во Охрид.

Позитивен е фактот што во Општина Пустец, во областа на Голо Брдо во Општина Булќиза, во целата оваа состојба со пандемијата, немаме ниту еден случај заразен со коронавирус и ова вчера им го реков на лидерите на Република Македонија. Но, потребна е соработка меѓу двете влади, така што моето барање до министерот е да разговара со македонскиот министер за надворешни работи, но и со двете влади со цел да се види можноста да им се помогне на жителите на македонската заедница, но не само. Да се види можноста за отворање на граници. Ви благодарам.

Рудина Хајдари. Ви благодарам г-дин Стерјовски.

Господине Цакај, зборот е за вас.

Гент Цакај. Благодарам многу. Јас со министерот за надворешни работи на Македонија, г-дин Димитров, во целиот овој период сум речиси во секојдневна комуникација и секако, меѓу другото, разговаравме и за можноста за отворање на границите. Многу наскоро ќе одржиме конференција на ниво на министри за надворешни работи, сите министри од регионот за да разговараат за можноста за отворање на границите, но треба да се има предвид дека отворањето на границите треба да се направи внимателно и во согласност со сите потреби на одржување на јавното здравство и спречување на пандемијата.

Треба да се објасни дека затворањето на границите не направило штета само на македонското малцинство. Тоа навистина се рефлектира на општо ниво, не само на национално ниво во Албанија, но каде и да сме имале општо затворање, блокирање на разни економски активности како резултат на коронавирусот. Затоа, не треба да гледаме само од етничка перспектива, туку треба да го гледаме како неизбежна последица од ситуација во која сите сме подеднакво незадоволни. Се надеваме дека ќе помине брзо и во моментот кога ќе постојат првите можности за отворање на границите, секако дека ќе бидат преземени сите мерки.

Во меѓувреме, во врска со примената на законот за малцинства и заштитата на правата на малцинствата во Албанија, потенцирам што фактот дека Албанија е земја-модел во однос на почитување на правата на малцинствата, не се спомнува од нас, но е документиран и рефлектиран факт во извештаите на меѓународните организации, вклучително и извештајот на Европската комисија. За разните доцнења, треба да се има предвид дека е многу важно секој подзаконски акт да има доволна стручност и правилен квалитет. Благодарам многу.

Advertisement