Стерјовски успеа од мртва точка да ја помести легализацијата на дивоградбите во општина Пустец (ВИДЕО)

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, успеа да прокнижи уште еден успех во надминување на проблемите со кои се соочуваат Македонците во Албанија.

Овој пат тоа е проблемот со легализацијата на диво изградените функционални објекти во општина Пустец, за што на 23 минатиот месец до албанското Собрание поднесе барање за интерпелација со премиерот Еди Рама и на седница да даде објаснувања во врска со проблемите на сопственоста и процесот на легализација во општина Пустец.

Тој денеска во обраќањето на пленарна седница на законодавниот дом информираше дека администрацијата на Собранието го известила дека интерпелацјата што ја побарал од премиерот Рама не може да се реализира поради одлуката на Државната изборна комисија, со која се забранува во период од четири месеци пред избори одржување јавни активности и доделување на решенија за легализација.

И покрај тоа што интерпелацијата со премиерот нема да се одржи, барањето ја постигна својата цел, бидејќи како што бев информиран, Дирекцијата на Државната агенција за катастар Корча ја извести општина Пустец дека нивните тимови ќе започнат со проверка на објектите што треба да се легализирааат во Преспа. Покрај легализацијата на

дивоградбите, одговорните институции мора што побрзо да го решат и проблемот со хипотеката на земјоделски имот во Општина Пустец, рече Стерјовски.

Според него општина Пустец е единствената општина во Република Албанија каде ниту еден објект изграден без одобрение не е легализиран, како оние од пред 1991 година така и оние изградени потоа. Веќе 30 години на жителите на македонската заедница во општина Пустец им е ускратено правото да ги легализираат објектите, иако во споредба со другите општини тука, бројот на дивоградби е многукратно помал.

Advertisement