Светскиот Македонски Конгрес со индигнација ја отфрла малициозна изјава премиер на Албанија Еди Рама

 

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) со индигнација ја отфрла денешната малициозна изјава на лидерот на Социјалистичката партија и премиер на Албанија Еди Рама, на Форумот на жените во Корча, минимизирајќи го бројот на Македонците во Албанија, наспроти Албанците во Македонија.СМК потсетува дека Македонците не живеат само во општината Пустец, туку и во областа Гора и во областа Голо Брдо, и во Тирана, и во Драч, и во Елбасан, и во Корча, и во Кроја, и во Кукс, и во Либражд, и во Поградец, и во Билишта, и во Берат, и во Булќизе, и во Саранда, и во Скадар, на целата територија на Албанија.

СМК изразува разочарување од Владата во Тирана која не ги признава правата на Македонците на целата територија на Албанија туку само во општина Пустец, а кон останатите постапува дискриминаторски. СМК го поздравува Законот на Парламентот за враќање на македонските топоними во општината Пустец, но очекува еднакви права за Македонците на целата територија на Албанија кои самосвесни се повеќе од 250.000.

СМК укажува дека Македонците, Грците, Власите, Ромите, Египтјаните, Србите и Црногорците, не се 5% туку 45% во вкупното население. СМК ја повикува Владата во Тирана да ја признае Македонија под нејзиното државно име! СМК повторува дека Албанците во Македонија се едно од повеќето етнички малцинства, кои ги уживаат највисоките стандарди во светот во малцинските права и слободи утврдени во меѓународните договори.

СМК потсетува дека Албанците во Македонија не се ниту државотворен народ ниту се 35% туку помалку од 15% во вкупното население. СМК, и покрај се’, ги поттикнува владите во Скопје и Тирана да склучат Договор за терен мир и добрососедство меѓу Македонија и Албанија, како и Договор за положбата и правата на Албанците во Македонија и на Македонците во Албанија, врз принципите на заемно почитување и соработка по сите прашања од заеднички интерес, еднаква сувереност, немешање во внатрешните работи и на реципроцитетна основа.

Advertisement