Светскиот Македонски Конгрес најостро ја осудува изјавата Еди Рама

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ја осудува и ја смета за натамошно грубо мешање на Албанија во внатрешните работи на Македонија, изјавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, во врска со законот за употребата на јазиците, упатена кон Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, дека “албанскиот јазик не е јазик на непријателот, туку на Албанците кои се државотворен народ во Македонија“ и дека “без Албанците нема Македонија“.

СМК смета дека изјавата на Еди Рама, во контекст на таканаречената “тиранска платформа“, во којашто основни барања се унапредување на албанското малцинство во државотворен народ и прогласување на албанскиот јазик и неговото латинично писмо за службен јазик на целата територија на Македонија и во нејзините меѓународни односи како и македонскиот јазик и неговото кирилско писмo, ги поткрева етничките тензии и провоцира дестабилизација на регионот.

СМК бара Владата за оваа реторика на албанскиот премиер да го информира Советот за безбедност на Обединетите нации.

Иако правата и слободите не може да се квантифицираат, нив или ги има или ги нема, и од нив никогаш доста, СМК и натаму смета дека во односите со Албанија, Македонија мора да се придржува на основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што подразбира: взаемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи: Што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија, како еднакви со еднаквите и рамноправни со рамноправните!

СМК предлага Декларација за македонско-албанско историско помирување, Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Албанија, Договор за положбата и правата на Албанците во Македонија и на Македонците во Албанија, и Уставна декларација на Собранието на Македонија за почитување на правата и слободите загарантирани со Уставот независно од пописните резултати!

Advertisement