Трговијата меѓу Македонија и Русија расте

Вкупниот обем на стоковната размена меѓу Република Македонија и Руската Федерација до крајот на септември годинава достигнала 157, 2 милиони САД долари и бележи раст од 21,3 отсто. Минатата година во истиот овој период вкупната размена изнесувала 129,5 милиони САД долари. Македонските компании во деветте месеци од годинава пласирале стока на пазарот на Руската Федерација во висина од 36,9 милиони САД долари (лани во истиот период 32,2 милиона САД долари). Македонскиот извоз бил повисок за 14,3 отсто.

Од друга страна, од руските компании купена е стока за 120,3 милиони САД долари (лани 97,3 милиони САД долари), што е раст од 23,7 отсто. Трговскит дефицит на Република Македонија во размената со Руската Федерација во овој период ја достигна сумата од 83,4 милиони САД долари. Во најголем обем Република Македонија од Руската Федерација купува енергенси, а продава земјоделски и прехрамбени производи.
Земено вкупно, македонската статистика покажува дека вкупната вредност на размената на Република Македонија со светот до крајот на септември изнесувала 9,5 милијарди САД долари.

Извозот на стоки од Република Македонија достигнал нешто над 4 милијарди САД долари и бележи пораст од 15,1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесувала 5, 5 милијарди САД долари, што е за 10,8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.Трговскиот дефицит, во периодот јануари- септември 2017 година, изнесува 1,4 милијарди САД долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, обработувани не повеќе од топло-валаните со ширина од 600мм или повеќе, намотани. Во периодот јануари – септември 2017 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција и Србија  – стои во соопштението на Македонска-руска стопанска комора.

Advertisement