Црвениот крст на Македонија собра 310.000 евра за настраданите во Албанија

 

Во овие средства спаѓаат донации од компании, општини, училишта, здруженија, средства собрани од телефонските оператори, донации од граѓани и донирани средства преку општинските организации на Црвениот крст

Црвениот крст со поддршка на граѓаните и компаниите преку жиро-сметката на Фондот на солидарност и телефонските броеви за донации до 31.12.2019 година собра вкупно 16.600.437 денари или 270.027 евра кои ќе бидат наменети за помош на настраданото население од земјотресот што се случи во ноември, минатата година во Албанија.

Во овие средства спаѓаат донации од компании, општини, училишта, здруженија, средства собрани од телефонските оператори, донации од граѓани и донирани средства преку општинските организации на Црвениот крст.

Како што истакна Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст, во овој износ плус треба да влезат и средствата што треба да ги донира МЕПСО, во износ од 2 милиони денари, како и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во износ од милион денари кои чекаат на ослободување од данок.

Што значи вкупно ќе бидат околу 19.600.000 денари или 310.000 евра – истакна Саити.

Тој додаде дека во петок овие средства ќе бидат префрлени на жиро-сметката на Црвениот крст на Република Албанија.

Ние истовремено ќе склучиме договор со Црвениот крст на Албанија и ќе бараме извештаи за тоа како се трошат средствата во наредните шест месеци – истакна Саити.

Освен оваа помош, Црвениот крст од сопствените резерви на настраданите од земјотресот во Албанија им додели и материјална хуманитарна помош во висина од 20.000 евра. Станува збор за 500 вреќи за спиење, 1.000 ќебиња, 50 монтажни кревети, 100 пакети со храна и 100 пакети со хигиенски средства.

Исто така, учествувавме и во транспортирањето на хуманитарната помош од нашата Влада, а пред неколку дена и на хуманитарна материјална помош што ја дадоа и заинтересираните компании. Овој народ уште еднаш ја покажа својата солидарност и амбиција да помогне на своите соседи и дека се способни и подготвени во вистински момент да одговорат и да подадат рака – истакна Саити.

На настанот по повод завршување на акцијата за помош и поддршка на настраданото население од земјотресите кои ја погодија соседна Република Албанија присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ и заменик градоначалникот на Град Скопје, Енвер Малиќи.