ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Македонија да се обединат кон праведноста и заштита на државните и националните интереси

Би сакал да ве известам за заклучоците на Централниот комитет  на ВМРО-ДПМНЕ кој што вечерва одржа редовна седница. Централниот комитет вечерва ги разгледа и ги потврди заклучоците донесени на вчерашната седница на Извршниот комитет за кои што информирав вчера .

Тоа кратко се однесуваа на веќе познатите  3 точки:

– разрешување на Јавниот обвинител и избор на Јавен обвинител на предлог на опозицијата со цел истражување и процесирање на сите нерегуларности кои што се случија пред, за време на рефередумскиот ден и по референдумот.

– формирање на Анкетната комисија во Собранието составена од пратеници која што треба да ги истражи сите нерегуларности и да ги процесира до соодветните органи и

– почитување на Законот за влада и избори со цел доколку има избори да се формира влада по пржински модел со мандат од 100 дена.

Централниот комитет вечерва донесе заклучок итно Општинските комитети да ги формираат Општинските изборни штабови, кои ќе функционираат до завршувањето на  Претседателските избори. Централниот комитет детално ги анализираше нерегуларностите во одредени општини, каде што над 50.000 гласови беа злоупотребени во текот на референдумскиот ден, односно имаше грубо полнење на кутии како и сите притисоци кои што се случија пред референдумскиот ден и сите континуирани притисоци кои што се случуваат по референдумскиот ден. Скоро сите претседатели на Општинските комитети информираа дека голем број на граѓани кои што не излегле на референдумот или има сознание дека излегле ама гласале против се разместени од своите работни места надвор од Законот за јавна администрација и се бркани од работа од приватните компании. Повторно порачуваме до раководителите во институциите кои што се нарекуваат јавна администрација да работата согласно законот затоа што се документираме и соодветно ќе го процесираме, а до сопствениците на приватни фирми да се грижат за сопствената работа и за правење профит а не за терање политика.

Понатаму, според набљудувачите се случи грубо и насилно фалсификување на волјата на граѓаните и тоа резултираше со незапаметен грабеж досега и затоа Централниот комитет ја потврди одлуката дека не го признава резултатотна референдумот затоа што истиот го рачуна за груб фалсификат. Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден ќе поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство, против повеќе од 200 лица. Станува збор за претседатели, заменици-претседатели, членови, заменици-членови и избирачки одбори, на избирачки места во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај. Кон овие лица ќе бидат поднесени и кривични пријави против службени лица од МВР кои несовесно ја обавувале службената дејност за која се овластени, пред на денот на референдумот и по референдумот.

Против сите овие лица на товар им се ставаат 6 кривични дела, и тоа злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење во служба, злоупотреба на избирачко право, изборна измама, фалсификување и уништување на деловни книги и повреда на тајноста на гласањето. Сите овие кривични дела ги виде целокупната јавност, само не ги виде Јавното обвинителство на Република Македонија и надлежниот Јавен обвинител и токму тоа е причината зошто што бараме разрешување на јавниот обвинител и избор на јавен обвинител на предлог на опозицијата кој што треба да се позанимава со процесирање на  сите нерегуларности кои што се случија на референдумскиот ден. Тоа ќе биде гаранција дека на евентуалните предвремени парламентарни избори, како и на следните претседателски избори нема да бидеме сведоци на уште една ваква кражба и груб фалсификат.

Оттука ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Република Македонија да се обединат кон праведноста и заштита на државните и националните интереси, како и кон ставање на конечен крај на оваа последна гарнитура политичари од транзицијата која ја предводат СДСМ и Владата на Република Македонија. Повикуваме на обединување на македонските граѓани кон уривање на погрешните политики на Заев, Димитров, Шекеринска и останатите кои ја водат Македонија назад. Потребно е широко народно обединување со цел заштита на Македонија и издигнување на државата.

Одговори на новинарски прашањи на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Прашање, новинар: Дали има нови партиски разрешувања на партиски функционери?

Одговор: Не, на денешната седница на Централниот Комитет немаше кадровски прашања.

Прашање, новинар: Дали е точно, има шпекулации дека од пратениците се очекува или некој веќе потпишале изјави дека нема да гласаат за уставни измени?

Одговор: Ставот на пратеничката група беше јасен и пред референдумот, јасен е и сега, а тоа е дека пратеничката група ќе ја следи волјата на граѓаните. Волјата на граѓаните е јасна, референдумот пропадна, така што јасно е се.

Прашање, новинар: Дали пратениците потпишуваат изјави дека нема да прифатат  уставни измени?

Одговор: во овој момент нема таква активност, но пратениците, односно целата пратеничка група е единствена дека не треба да поддржи промена на Уставот со цел промена на уставното име.

Прашање, новинар: Дали има разговори од страна на Заев или некои пратеници на СДСМ со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ?

Одговор: Јас немам таква информација, доколку има разговори треба да веројатно и да се обратите до пратениците, до нас  нема стигнато таква информација.

Прашање, новинар: Господине Николоски со оглед на тоа дека премиерот веќе ги одби условите кои што ги поставивте, што понатаму, лидерска средба или има ли шанси за бојкот на изборите? Како би се развивала ситуацијата понатаму?

Одговор: Нашите услови се јасни, јас кажав вчера и ќе повторам и денес. Ние битката не ја водиме за власт, битката не ја водиме за избори, ниту ја водиме за доаѓање на власт,  Заев порано или подоцна ќе си оди. Битката ја водиме за зачувување на името на Република Македонија и сме среќни што со исходот од резултатот уставното име на Република Македонија е зачувано. Се друго е второстепено и небитно.

Advertisement