Албанската полиција и Националната гарда се подготвени да го гарантираат јавниот ред и мир и безбедноста пред, за и по одржувањето на Самитот на Берлинскиот процес што на16 октомври ќе се одржи во Тирана, изјави денеска заменик директорот на државната полиција, Сокол Бижга. Во присуство и на претставник на гардата, тој ги презентираше мерките, кои опфаќаат посебен режим на сообраќај, како на возила така и на граѓани, додавајќи дека за безбедноста ќе бидат ангажирани над 1.600 полициски службеници и гардисти.
Сакам да го истакнам фактот дека Државната полиција и гардата за изготвување на планот на мерки и за утврдување на безбедносниот периметар за Самитот на Берлинскиот процес, соработуваа и со безбедносни експерти на земјите од ЕУ, со цел имплементирање на највисоките безбедносни стандарди, при спроведување на активностите од овие димензии. Исто така соработувавме и со другите органи на прогонот во земјава, како и со меѓународните организации Интерпол и Европол, за навремена размена на информации, рече Бижга.
Според него на високо ниво е соработката со општина Тирана, властите на меѓународниот аеродром, контролните органи на воздухопловството, противпожарната служба и здравствените центри во Тирана.
Засилено присуство на полиција ќе има и од сите гранични премини до Тирана, од каде ќе пристигнуваат учесниците.
Во Тирана од 9 овој месец веќе се пристигнати 100 офицери од жандармеријата и француските безбедносни сили, што е поврзано со посетата на претседателот Емануел Макрон на Албанија. Макрон ќе допатува во албанската метропола на 16 октомври и ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес, а следниот ден ќе има билатерални средби. Ова е прва посета на француски претседател во историјата на албанската држава.