ЕУ на земјава и донира уште осум респиратори

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, во улога на Национален координатор за странска помош, заедно со Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, а во присуство и на евроамбасадорот Самуел Жбогар, на платото пред просториите на Секретаријатот за европски прашања, ја претставија пристигнатата помош од Европската Унија како поддршка за земјава при справувањето со КОВИД 19.

„Денеска стигнаа и преостанатите 8 респираторни машини, добивме вкупно 20 од Европската Унија. Тие беа едни од првите коишто понудија помош. Ова е доказ дека тие се нашиот најголем партнер и дека почетокот на пристапните преговори значи дека не сметаат за дел од големото семејство, кое меѓу другото значи и помош тогаш кога е најмногу потребна.

Во следниот проект којшто го понуди за нас ЕУ, ќе ги опремиме и ќе ги зајакнеме сите одделенија за интензивна нега, двете болници во Скопје, клиничките болници и општите болници ширум државата. Упатувам огромна благодарност до евроамбасадорот Самуел Жбогар и делегацијата на ЕУ во нашата земја што ни се огромна поддршка во овие моменти со справувањето со пандемијата од вирусот ковид-19“, потенцираше министерот Филипче.