Канцеларката на Сојузна Република Германија Ангела Меркел денеска престојуваше во официјална посета на Република Македонија


На оваа прва официјална посета на сојузен канцелар на Сојузна Република Германија, канцеларката Меркел ја пречека Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, и владината делегација. По официјалната церемонија на пречек со највисоки државни и воени почести, Претседателот на Владата на Република Македонија и канцеларката Меркел имаа тет-а-тет средба, по што следуваше и пленарната сесија, на која канцеларката Меркел имаше можност да разговара за актуелните политички прашања со делегацијата на Владата на Република Македонија. Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и сојузната канцеларка Меркел потоа одржаа заедничка прес-конференција на која, пред огромниот интерес на медиумските претставници, информираа за детали од средбата. Премиерот Заев во своето обраќање на прес-конференцијата за медиумите истакна дека е посебна чест што посетата на канцеларката Меркел се совпадна со Денот на независноста – 8 септември, кога во 1991 година граѓаните на Македонија масовно излегоа и гласаа за своја независна, самостојна и суверена држава.

„Посебна чест имам, во име на Владата и во име на граѓаните, токму на овој ден, за прв пат во историјата на пријателските односи меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија, да посакам добредојде на еден германски канцелар во официјална посета на нашата држава. Оваа посета денеска е референца кон минатото заради Денот на нашата независност, но и референца кон блиската иднина кон која не кани целиот демократски свет – а тоа е членството во ЕУ и НАТО“, истакна премиерот Заев. Тој додаде дека граѓаните на нашата земја се благодарни што имаме сојузници со кои делиме исти вредности, и што Германија е меѓу најсилните поддржувачи на нашиот стремеж да станеме рамноправен член во најсилните и најстабилните семејства во светот, во НАТО сојузот и во Европската Унија.

„Оваа посета е силна порака и поттик за нас во пресрет на референдумот на кој граѓаните на нашата земја ќе ја изберат иднината. Оваа посета е уште едно охрабрување дека големите сили поддржуваат доследно спроведување на договорот со Грција од двете страни, и потврда дека Договорот ја гарантира македонската иднина и нашето место во ЕУ и НАТО. Токму поради тоа, охрабрени сме да направиме историски исчекор“, нагласи Претседателот на Владата на Република Македонија Заев. Премиерот Заев потсети дека, оваа година, кога одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји, констатираме дека Сојузна Република Германија е трговски партнер број 1 за нашата земја.

„Дури 47 отсто од вкупната трговија со странство оди во Германија. Вредноста на трговската размена достигна нешто повеќе од 3,7 милијарди евра и се надеваме дека уште оваа година ќе имаме 4 милијарди евра трговска размена, ако не и повеќе. 200 компании од Германија се партнери на македонските компании, и отворија повеќе од 20 илјади работни“, рече премиерот Заев и додаде дека оваа посета е охрабрување за германските компании да продолжат со експанзија на своите бизниси како силна поддршка на нашето партнерство, на нашиот заеднички влог во иднината.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев ѝ се заблагодари на канцеларката Меркел што го иницираше Берлинскиот процес и што Германија е еден од најсилните поддржувачи на земјите од Западен Балкан, меѓу кои Република Македонија е земја што испорачува резултати што одразуваат еден нов, европски Западен Балкан, една нова европска Македонија. Канцеларката Меркел на заедничката прес конференција со премиерот Заев упати честитки до граѓаните на Република Македонија по повод Денот на независноста и додаде дека Германија и понатаму останува посветен партнер на нашата земја. Во таа насока, канцеларката Меркел го најави формирањето на заеднички управувачки комитет кој ќе ги забрза и продлабочи економските врски меѓу двете земји.

Сојузната канцеларка Меркел дека во разговорите со премиерот Заев и со македонската владина делегација разговарале и за претстојниот референдум, кој таа го оцени како историска шанса за граѓаните на Република Македонија да ја потврдат припадноста со членство во Европската Унија и НАТО, и дека тоа е ден кога граѓаните не треба да останат дома, туку да излезат и да го дадат својот глас. Германската канцеларка Меркел нагласи дека нејзината земја останува и понатаму посветена на Берлинскиот процес во чии рамки, од страна на Германија, ќе бидат издвоени 2,5 милиони евра за поддршка на младинските политики, како и дополнителни средства за поддршка на проекти за инфраструктурно поврзување на регионот.