Македонска Алијанса упати честитка за 11 годишнината од основањето на Македонското друштво „Илинден“-Тирана

Изминаа 11 години од основањето на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, со кое заеднички неуморно и посветено се бориме за демократските права на нашите браќа и сестри Македонци во Албанија. На г-динот Никола Ѓурѓај, Претседателот на Македонското Друштво му оддавам особено признание за залагањата во заштитата на Македонскиот национален идентитет. На овогодишните добитници на награди и благодарници „Илинден“ од срце им честитам. Ја користам оваа прилика, во пресрет на парламентарните избори, да ги повикам најодговорните политички актери во Татковината, јавно да соопштат дали застануваат зад принципиелните барања на Македонците во Албанија, кои ги соопштуваат првиот наш Македонски пратеник во Албанското Собрание, Васил Стерјовскии МД „Илинден“ од Тирана. Македонската Алијанса предлага услов за коалицирање со Албанските партии после 12 април да биде нивната активна поддршка за барањата на Македонците во Албанија.

Сега е неопходен договор за реципроцитет. Не може и понатаму Албанските политички фактори во Татковината да не се залагаат за нашите браќа и сестри во Албанија. БарамеМакедонците во Албанија да ги уживаат истите права кои ги имаат нашите сограѓани Албанци во Македонија. Загарантирани пратенички места за малцинствата во Албанија, пропорционална застапеност на Македонците во сите државни институции, органи на локална самоуправа и локална администрација каде што живеат, задолжително да има Македонски претставник во Управниот Одбор на Албанската Државна телевизија и да се отворат катедри за Македонски јазик на Државните Универзитети во Тирана и „Фан Ноли“ во Корча. Промена на територијалната организација за да овозможиме и Голо Брдо и Гора да го повратат статусот на посебни Македонски Општини. Од 2015 година Македонците од овие региони се оставени на милост и немилост. Затоа, логично е Македонците преку локална власт самите да управуваат со овие општини, каде всушност се и мнозинство, по примерот на Пустец. – стои во честитката потпишано од претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.