Македонците во Албанија ги зачувале сите македонски етнографски карактеристики

Македонското население кое живее во Мала Преспа и Голо Брдо успеале низ годините да ги зачуваат етнографските карактеристики. Ова го покажа теренското истражување и кабинетската работа на д-р Мери Стојанова, етнолог во битолскиот Музеј која сите истражувања ги собра во монографијата „Етнографија и антропологија на Македонците „Нашинци“ од македонско-албанското пограничје“.

Што доволно зборува за нивната од една страна затвореност во рамките на албанската држава, но многу повеќе во рамките на сопствените предели, што реално од наш научен аспект е од една страна добро бидејќи на тој начин можеме да проследиме еден долг историски континуитет на развој и динамика на движење во различни аспекти на традиционалната култура на нашинците во Албанија, рече Д-Р Мери Стојанова, автор.

Но она што е карактеристично за Голо Брдо е што во овој предел е зачуван архаичниот македонски јазик. Кој е зачуван во една толку изворна форма, непроменета со генерации. И она што децата како сопствен идентитет го носат од страна на јазичниот идентитет, се запознаваат со албанскиот јазик кога ќе започнат на училиште. Дотогаш во слободната комуникација, во рамките на семејството, пошироките заедници зборуваат на чисто македонски изворен јазик.

За етнологијата, истражувачката работа е основна и клучна, но е макотрпна. Она што е интересно дека истражувањата покажуваа еден континуитет и истрајност на етничкиот идентитет на Македонците, особено во пределот на Преспа, каде тие апсолутно јасно стојат на овие  идентитетски основи, рече ПРОФ.Д-Р Љупчо Ристовски, Институт за Етнологија и Антропологија. Според рецензентите се работи за капитално дело кое дава една поинаква слика за македонското малцинство во пограничјето меѓу Македонија и Албанија.

Advertisement