Министерот за надворешни работи на Република Македонија освари средба со Министер за надворешни работи на Србија

Во Ниш, Република Србија, министерот за надворешни работи, Никола Димитров се сретна со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ. Средбата е одржана за надминување на недоразбирањата кои последните месеци ги оптоваруваат билатералните односи и соработката меѓу Република Македонија и Република Србија.

Двајцата министри се согласија за неопходноста од одржување перманентен политички дијалог  заради спречување и надминување на евентуалните несогласувања по одредени прашања на билатерален и мултилатерален план, и други прашања од заемен интерес. Се согласија и дека јакнењето на добрососедството е заеднички примарен интерес, преку развивање позитивни, конструктивни и транспарентни односи и соработка.

Во тој контекст, министрите Димитров и Дачиќ изразија задоволство од надминувањето на неодамнешните недоразбирања, поздравувајќи ја најавата за одржување на Третата заедничка седница на Владите на Република Македонија и на Република Србија. Министрите се согласија  за унапредување на соработката со цел реализација на заедничките цели и интереси на двете земји за забрзано интегрирање во ЕУ, јакнење на безбедноста, стабилноста и одржливиот економски развој на двете земји и на регионот.

Министрите разговараа и за потребата и можностите за унапредување и интензивирање на соработка во сите области од заемен интерес, особено економската соработка и инфраструктурното поврзување.

Advertisement