МНР Русија: Неприфатливи се изјавите за прекројување на границите на Балканот

 

Министерството за надворешни работи на Русија изјави на неколкумина албански политичари за можното прекројување на границите на Балканот. „Сметаме дека под маската на неоснованите обвинувања дека Русија се обидува да ја дестабилизира ситуацијата во Југоисточна Европа се преземаат мерки за реализација на големоалбанскиот проект – сега врз основа на уставот на Албанија, кој и дава на Тирана право да ги штити интересите на Албанците во странство. Под маската на лицемерни разговори за стабилизација во регионот под „чадорот“ на НАТО, се случува поткопување на темелите на стабилноста, заземен е курс кон прекројување на балканските граници кој драматично го зголемува потенцијалот за конфликт.

Тоа предизвикуваат изјавите на премиерот на Албанија Еди Рама и на „шефот“ на еднострано прогласеното независно Косово Хашим Тачи за подготвеноста да се обединат во една големоалбанска држава. Со нив се согласува и раководителот на јужната српска општина населена со Албанци Прешево Ј. Муслиу, кој изјави желба територијата на општината да влезе во состав на таквата творба. Во истиот контекст е фамозната „тиранска платформа“ на албанските етнички партии во Македонија, која води кон поткопување на нејзината државност“.

Во соопштението на МНР на Руската Федерација се вели дека „главните покровители на Тирана и Приштина – САД и ЕУ – или срамежливо премолчуваат или се оградуваат со општи фрази кои ништо не значат“. Москва се согласува со осудите од страна на српскиот премиер Вучиќ и шефот на српската дипломатија Дачиќ на реториката на албанските политичари и барањето соодветна реакција на она што се случува од Брисел, Вашингтон и клучните европски метрополи.

„Сметаме дека е неопходно меѓународната заедница консолидирано да им укаже на Тирана и на албанските политичари во другите балкански земји на неприфатливоста на промовирањето територијални претензии и дискусиите за прекројување на границите во регионот“.

Москва апелира до западните партнери да се раководат „според меѓународното право и здравиот разум, а не според вообичаените шеми на двојни стандарди“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија.

Advertisement