Почнува 6-от Самит Македонија 2025

На отворањето на шестиот по ред годишен Самит во организација на „Македонија2025“ денеска се презентираа „Најдобрите практики на успешните малите држави“, преку говори на Суан Хианг Ли, претседател на Одборот за економски развој во Сингапур и Пјер Гурџијан, партнер во Руско-ерменска фондација.Сингапур во изминативе 50-тина години го зголеми бруто домашниот производ по глава на жител повеќе од 50 пати и денес надминува 52 илјади долари, со што се трансформираше во светска економска сила.

Според Суан Хианг Ли, клучни фактори за развојот на земјата се: фокусот кон странски инвестиции, трансфер на технологија, инвестирање во човечки капитал, првокласна инфраструктура и про-бизнис ориентирана влада. Земјата со 6 милиони жители и скоромни природни ресурси го промени својот систем на образование и се фокусираше кои иновациите. „Сингапур верува во отворена економија. И во светската економија, мора да понудите најдобри услови за привлекување инвестиции. Нема награда за тие што се втори“, вели Ли.

„Сингапур успеа да наметне колективна визија за економски развиена земја со висок стандард и квалитет на живот, силен национален идентитет со атрибути на светска метропола“, додаде тој. Пјер Гурџијан се осврна на придонесот на ерменската дијаспора кон економскиот развој на земјата, која преку бројните програми досега има инвестирано провеќе од 600 милиони долари. Нивната главна цел е Ерменија да го удвои својот бруто домашен производ по глава на жител до 2030 година.

Мајк Зафировски, ко-основач и член на Одборот на директори на Македонија 2025, дополнително го истакна значењето на градење позитивна клима кон инвеститорите, како и стабилност и доверба во системот. „Земјата мора да остане конкурентна во однос на даноци, трошоци за работна сила и квалитет на образование. Секако дека треба да се поттикне и развојот на домашните компании, владеење на правото, добрата инфраструктура и образованието. Странските инвестиции и инвеститорите од дијаспората носат капитал, трансфер на технологија и најдобри практики и се клучни за поттикнување на економскиот развој“, заклучи тој.

На агендата на првиот ден од Самитот се поместени и многу интересни дискусии за тоа колку најдобрите светски практики би можеле да се применат во Македонија и регионот, кои се досегашните искуства со директните странски инвестиции во однос на соработката со локални добавувачи и за улогата на жените како лидери кон одржлива иднина. Меѓу говорниците на овие теми се: Игор Лукшиќ – директор на јавен сектор на „PwC“ за земјите од Југоисточна Европа и поранешен премиер на Црна Гора, Рубен Вардањан – влијателен инвеститор и социјален претприемач од Русија, Соња Шмуц – генерална директорка на Стопанската и индустриска комора на Словенија, како и многу други високи функционери и експерти од областа на бизнисот и економијата.

Advertisement