Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов го прими премиерот на Малта

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими премиерот на Република Малта, г. Џозеф Мускат, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од досегашниот развој на билатералните односи и го поздравија интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Република Малта.

Македонскиот претседател потенцираше дека со воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји, се поставени темелите за сеопфатна и партнерска соработка на долг рок. Во тој контекст, претседателот Иванов го афирмираше македонскиот интерес за натамошно продлабочување и развивање на севкупните односи, како на билатерален така и на мултилатерален план.

Македонскиот претседател нагласи дека двете држави во наредниот период треба да се фокусираат на интензивирање на економската соработка преку зголемување на трговската размена, унапредување на правната рамка и поттикнување на контактите меѓу бизнис заедниците и граѓаните.

Во однос на европските аспирации, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија во Република Малта гледа искрен пријател и поддржувач, додавајќи дека нивните искуства би можеле да ни помогнат во процесот на нашето пристапување кон ЕУ.

Премиерот Мускат нагласи дека Малта целосно ја поддржува македонската европска интеграција и изрази подготвеност за споделување на нивните искуства на нашиот евроинтегративен пат.

Едно од прашањата коишто беа препознаени како заеднички предизвик за двете земји, но и за Европа, беше прашањето за илегалната миграција, при што двајцата соговорници се заложија за засилена соработка во таа сфера.

Претседателот Иванов и премиерот Мускат се согласија дека македонската заедница во Република Малта, претставува мост за натамошно приближување и развивање на севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Малта.

Advertisement