Претседателот на Република Македонија оствари средба со Претседателот на Руската Федерација (ВИДЕО)

 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на дводневната работна посета на Руската Федерација, оствари средба со Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин. По средбата, претседателот Иванов рече дека Македонија има јасни стратешки определби и опстојува на нив, несакајќи да наштети никому, води политика на отвореност, негува добронамерни односи на пријателство, соработка и меѓусебна почит.

Претседателот Иванов ја оцени средбата со рускиот претседател Путин како пријателска, конструктивна и содржајна. На неа станало збор за состојбата во Македонија и во регионот, за економската соработка, за црквата. Политичката криза што ја имавме во последните две ипол години доведе до застој во функционирањето на заедничката меѓувладина комисија со Русија која, се надевам, сега со формирањето на новата влада ќе може да профункционира и да ги продолжи позитивните трендови во економската соработка, изјави претседателот Иванов по средбата.

Економската соработка која меѓу Македонија и Русија е интензивна, достигнува околу 200 милиони долари, но тоа се уште не е доволно за потенцијалот што постои кај нас, а исто така и од руската страна. Политичката криза многу проекти, многу активности има блокирано и затоа, се надевам дека новата влада со формирање повторна меѓувладина комисија за економска соработка ќе ги поттикне тие почнати проекти бидејќи имаме во сферата на енергетиката, имаме извоз на земјоделски производи, има интерес на руски инвеститори да инвестираат во нашите економски зони, рече претседателот Иванов.

Економијата, додаде, е глобална и на тој план, бизнисмени присутни на сите меридијани се заинтересирани и за Македонија. Македонија нуди навистина поволни услови за водење бизнис, имаме поволна клима и храна која е добредојдена на нивните пазари, така што имаме голем потенцијал, но се зависи од тоа како ние внатре ќе си ги средиме состојбите за да може тоа што постоело да се надградува и да се развива, истакна македонскиот претседател.

Рускиот претседател искажа интерес за ситуацијата во Македонија и на Балканот, бидејќи, целиот регион поминува низ турбулентен период и сакал, истакна претседателот Иванов, лично да се информира за одредени состојби. Разговаравме и за состојбите во целиот наш регион, на Блискиот Исток, на Балканот. Русија е земја која е постојана членка на Советот за безбедност и од тој аспект ги следи сите настани особено безбедните прашања и интересот беше да се чујат согледувањата од страна на Македонија за сите тие актуелни прашања кои постојат во нашиот регион, посочи претседателот Иванов.

Одговорајќи на новинарски прашања, напомена дека Македонија не сака нејзините стратешки определби да бидат на штета на односите со Русија. Русија е голема земја и Македонија како мала земја мора со сите големи сили да има однос на искрено пријателство бидејќи таа е и членка на Советот за безбедност. Со сите членки на Советот за безбедност Македонија секогаш имала и мора да има односи на пријателство и на почитување. Нашата политика на отвореност кон сите добронамерни продолжува и настојуваме со сите големи земји да имаме односи на пријателство, соработка и на меѓусебна почит, подвлече Иванов.

Според него, секоја земја си има свои интереси и поаѓа од нив, така и големите земји си имаат свои интереси и, иако ги следат состојбите и во регионите и во светот, секојпат поаѓаат од нив. Сепак, големите земји се големи земји, имаат свои стратегии, си ги следат нивните интереси, а наше е едноставно да си остојуваме на нашите стратегиски цели и да направиме се да тоа не биде на штета на другите, посочи македонскиот претседател.

Потсети дека повод за посетата на Москва е врачувањето на наградата „ Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори” од рускиот патријарх Кирил, оценувајќи ја како признание за сите негови и заложби на Македонија за поттикнување, чување и негување на христијанските вредности. Разговорите што ги водевме со патријархот се во функција на улогата што ја има Руската црква околу промовирањето на христијанството во период кога сите христијани во светот се изложени и на напади и на големи преселби, особено на Блискиот Исток и Африка. Следиме што се случува со христијанскиот свет, рече претседателот Иванов.

Дополни дека имал многу конструктивна средба и со епископот Тихон кој беше во посета на Македонија и ја промовираше неговата книга. – Тихон искажа многу позитивни и искрени чувства за тоа што се случува во Македонија во поглед на нашите верници, на нашата Црква и нашите манастири, истакна претседателот Иванов кој денеска присуствуваше и на службата посветена на патријархот Кирил по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

 

Advertisement