СМК ја поддржува медиумската кампања на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, насловена Главата горе – изјасни се дека си Македонец

Македонско друштво “Илинден“-Тирана започна медиумска кампања насловена “Главата горе – изјасни се дека си Македонец“, заради подигање на свеста кај Македонците во Албанија да се изјаснат тоа што се: Македонци, само Македонци и ништо друго освен Македонци!

Не има насекаде низ Албанија. Главно сме концентирани во областите Мала Преспа, Гора и Голо Брдо, но со по неколку десетина илјади не’ има и во Тирана, Елбасан, Драч, Корча и во други градови на Албанија. За жал, албанските власти признаваат постоење на македонско малцинство само во областа Мала Преспа, – вели Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво “Илинден“ – Тирана.

Во Албанија, на Македонците се уште не’ им се признава статусот на малцинство на целата територија на Република Албанија. На Македонците им е всаден страв од власта поради изјаснувањето дека се Македонци за што следат санкции. Санкциите ги имаат почувствувано многумина, посебно оние кои работат или добиваат некаква социјална помош, – додава Ѓурѓај.

Медиумската кампања “Главата горе – изјасни се дека си Македонец“ е на три јазици македонски, албански и англиски јазик, освен во електронското издание на весникот “Илинден“ ќе биде и во другите медиуми во Албанија.

Освен што ги повикуваме да се изјаснат слободно тоа што се, – нагласува Ѓурѓај – работиме на зачувувањето на нашиот македонски идентитет, култура, традициите, историја и обичаи.

Според македонските друштва во Албанија живеат од 120.000 до 150.000 Македонци.

Европската унија ќе и додели на Албанија 14,5 милиони евра за спроведување на пописот на населението и домаќинствата во 2020 година. Веста ја објави амбасадорот на делегацијата на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца, додавајќи дека пописот е обврска на Албанија за приближување кон Европската Унија.

Пописот е основа на Албанија за Европската Унија. Ефикасната политика за европска интеграција се заснова на овие податоци кои мора да бидат целосни. Затоа ЕУ презема континуирани чекори директно да се собираат и споредуваат податоците, кои мора да бидат целосни и веродостојни. Европската комисија оцени дека пописот во 2011 година не успеа да ги обезбеди правата на граѓаните да се изјаснат за нивното етничко потекло и верските убедувања, рече Сореца. Оваа значајна статистика операција Институтот за статистика ќе ја спроведе во октомври и ноември 2020 година, во која ќе бидат ангажаран 8.500 попишувачи. За првпат во пописниот формулар ќе постои графа на која граѓаните ќе може да ја искажат, по своја волја, етничката и верската припадност.

Според пописот спроведен во октомври 2011 година, Албанија има 2.891.977 жители. Од вкупната попишана популација, со постојано место на живеење во Албанија се 1.421.810 жители, додека другите се со престој во странство до една година. Споредено со податоците од пописот во 2001 година бројот на вкупната популација е помал за 7,7% како резултат на емиграцијата и намалениот наталитет. Пописот го бојкотираа припадниците на малцинствата, но попишувачите ги попишуваа врз основа на податоците од матичните служби на населеното место.

Светскиот Македонски Конгрес ја поддржува медиумската кампања на Македонското друштво “Илинден“ во Тирана, насловена “Главата горе – изјасни се дека си Македонец“ и упатува јавен повик сите Македонци без страв и предрасуди, на престојниот попис на населението во 2020 година масовно да се попишат она што се’ како Македонци! Во Албанија нема бугарско малцинство, Во Албанија нема Бугари и Светскиот Македонски Конгрес апелира, Македонците да ги отфрлат сите подметнувања на бугарските власти во Албанија да “насадат“ Бугари кои никогаш не постоеле, не постојат, ниту ќе ги има!

Advertisement