
Во пресрет на новата рунда преговори за спорот за уставното име на Република Македонија, кои претстојната недела ќе се одржат во Брисел, агенциите пренесоа интересна вест од соседна Албанија, каде што партијата на грчкото малцинство во Албанија – Партија за заштита на човековите права, по повод 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, организира тркалезна маса на тема „Законот за заштита на националните малцинства, де факто, чекор назад за почитување на нивните права“. Како што пренесоа медиумите, на тркалезната маса учествуваа претставници на грчката, македонската, влашката, ромската и египќанската заедница во Албанија, како и претставници на странските амбасади во Тирана.
Претставниците на сите малцинствата биле едногласни дека со усвојувањето на Законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија не се почитуваат правата на малцинствата, ниту се земени предвид препораките на Советот на Европа и побараа меѓународна поддршка, за албанската влада да го измени законот, каде што би се прифатиле препораките на малцинствата. Вангел Дуле, лидер на партијата на грчкото малцинство во Албанија и пратеник во тамошниот парламент, го обвини премиерот Еди Рама дека нема политичка волја за да ги заштити националните малцинства. Згора на тоа, неодамна Грција официјално упати остра реакција до Тирана поради уривањето објекти на Грци во Албанија, со образложение дека тоа се правело врз национална основа.
Нема ништо спорно во тоа што Грците, како и Македонците, во Албанија си бараат остварување на основните човекови права, а надеж влева и тоа што Македонци и Грци по покана од грчкото малцинство во Албанија на иста маса разговарале и барале решенија за нивните заеднички проблеми во оваа земја. Спорно е што Европската Унија, САД и воопшто светската јавност со години користат двојни аршини кога се зборува за кршењето на правата на малцинствата и не преземаат конкретни чекори да запре кршењето на правата на малцинствата во Грција, која не признава постоење на Македонци на нејзина територија и покрај тоа што во оваа земја сѐ уште има илјадници лица што отворено се декларираат како припадници на македонскиот народ.
Инаку, Македонците во Албанија посочија дека сите малцинства во фазата на изработка на новиот закон дале свои предлози, но тие не биле прифатени и се донел закон што не е во духот на препораките на европските институции. Македонците во Албанија бараат гарантирани места во албанското собрание за малцинствата, матичните служби да издаваат документи каде што ќе биде впишана и националноста на секој член од малцинствата, обезбедување образование на мајчин јазик за претставниците на малцинствата во предучилишното, основното, средното и високото образование на целата територија на Албанија, како и обезбедување посебен буџет за развој на областите каде што традиционално живеат малцинствата за подобрување на условите за живот, во единиците на локалната самоуправа каде што припадниците на малцинствата изнесуваат помалку од 20 отсто, советите на локалната самоуправа да одлучат нивниот јазик и писмо да бидат во еднаква официјална употреба, припадниците на националните малцинства да имаат право за застапување во извршните структури и вработувањето во јавните служби, вклучувајќи ја и полицијата.
Кога човек ги разгледува нивните барања станува јасно дека тие се помалку или повеќе исти како правата што Албанците во Македонија веќе одамна ги уживаат. Поради тоа, крајно време е, наместо да сугерираат што би требало да направи Македонија за да се доближи до европските стандарди и да се зачлени во ЕУ, Грција, Албанија и другите земји од регионот што имаат проблем со признавање на малцинствата да си погледнат во дворовите, а тоа се чини треба да го направат што поскоро и европските институции, бидејќи досегашните политики на двојни аршини станаа најголема закана за распад на Унијата. /wwwnovamakedonija.com.mk
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden