
Албанија се залага за почитување на малцинските заедници, нивниот идентитет и култура. Имаше измени на законот, кој ја регулира оваа област и кој беше во согласност со европските стандарди, изјави албанскиот претседател Илир Мета на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов. Албанската Влада и Парламентот покажаа максимална флексибилност и толеранција во оваа насока, но ова не значи дека ќе охрабруваме дејствија кои не се соодветни со реалноста во Албанија околу малцинствата – потенцира Мета. Тој посочи дека лично ќе се заложи за поддршката на македонската заедница во Албанија.
Ние се гордееме со исклучителните вредности на македонската заедница во Албанија и јас го уверив претседателот Иванов дека во текот на мојот мандат ќе давам поддршка на оваа етничка заедница со цел зајакнување на нивниот идентитет и положба затоа што тие претставуваат вистинска вредност за нашата земја – рече Мета.
Иванов на прес-конференцијата посочи дека она што најмногу ги поврзува двете земји се Македонците во Албанија и Албанците во Македонија. Констатиравме дека тоа најмногу нè поврзува. На Мета му искажав благодарност за неговата досегашна грижа за Македонците во Албанија, за сите негови напори за унапредување на нивната состојба. Има поединечни случаи кои не треба да се генерализираат и секој пат треба да ја гледаме големата слика и да ги поттикнуваме сите позитивни примери кои ги подобруваат односите меѓу двете земји – рече Иванов.
Подобро е да го трошиме времето работејќи заедно, давајќи си поддршка едни на други и при тоа сите да имаме придобивка од оваа соработка и взаемно разбирање, отколку да си судиме едни на други за прашања поврзани со минатото. Во оваа насока Македонија и Албанија се пример за соработка во целиот регион – рече Мета.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden