Стерјовски освари средба со Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев

 

Пратеникот од единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, во албанскиот парламент и претседател на Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, освари средба со Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

На средбата е изразена благодарност за поддршката на премиерот Заев и на Владата, на македонското национално малцинство во Албанија што резултира со повеќе придобивки коишто се резултат на добрите пријателски односи меѓу двете држави.

Заеднички е констатирано дека добрите пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Албанија отворија можности за надминување на повеќе наследени состојби од минатото и шанси за ефикасно работење на гранични премини, подобрување на инфраструктурата, образовни унапредувања во местата каде што живеат припадници на македонското национално малцинство во Албанија.

На состанокот е заеднички заклучено дека перспективите на Република Македонија и Република Албанија се во ЕУ и во НАТО и дека евроатлантскиот пат нема други алтернативи за земјите од регионот, бидејќи само на тој начин се можни вистински демократски слободи и права на граѓаните во државите и економски и културен развој согласно европските вредности.